20/04/2024
Македонија

Седница на Советот за култура, Стратешкиот план, Годишната програма и културното наследство во фокусот

Вчера во просториите на Министерството за култура во Скопје се одржа 5. седница на Советот за култура, советодавно тело на министерот за култура на Република Македонија составено од истакнати културни работници и стручњаци од областа…

Со седницата претседаваше претседателот на Советот за култура, Ѓунер Исмаил. На дневен ред на Советот, чија законска улога според член 11 од Законот за култура е да го советува министерот за култура и да му дава мислење по прашања од неговата надлежност, беа информациите за Стратешкиот план на Министерството за култура 2018-2020, потоа за заштитата на културното наследство и соработката со УНЕСКО, како и Информацијата за Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес за 2018 година на Министерството за култура. Освен тоа, се разговараше и за кадровската политика во националните установи.

При елаборацијата на Стратешкиот план на Министерството за култура за 2018-2020 година, министерот Алаѓозовски истакна дека тој содржи мерки и активности за реформи, залагајќи се за еднакви културни права, креирање простор за плурални културни идентитети и напуштање на ретроградните етно-националистички концепти. Планот утврдува начини за поттикнување на уметничкото творештво, промоција на индивидуалниот развој, вклученост на чувствителните групи, активен развој на независниот културен сектор, широка и рамноправна достапност на културата до публиката, развој на меѓународната соработка како и заштита на културното наследство според европските стандарди, а се базира врз принципите на еднаквост, пристап, учество и права. „Врз овие принципи се развиваат основите на новата културна политика: демократизација на културата, поддршката на креативноста, плурализмот и инклузивноста, граѓанскиот концепт во културата итн.“, истакна министерот Алаѓозовски, кој воедно посочи дека Стратешкиот план е усогласен со Акцискиот план на Министерството и е одобрен од страна на Владата, но додаде дека забелешките од членовите на Советот се драгоцени, и најави ревизија на Стратешкиот план и можност забелешките да бидат вклучени во идниот документ.

Околу заштитата на културното наследство, министерот информираше дека е направена анализа на 6-те конзерваторски центри и е утврдена многу лоша материјална и кадровска состојба. Министерот го информираше Советот дека има интерсекторска соработка на ниво на Влада и дека Министерството за култура ги презема одговорностите околу заштитата, УНЕСКО и постапувањето по препораките на светската организација. Министерството ќе ги следи процесите со деталните урбанистички проекти, контактните зони, заштитата на старите градски јадра, за да не се дозволи анархијата од претходниот систем со решенија спротивни на препораките на УНЕСКО.

Во однос на Годишната програма, министерот Алаѓозовски објасни дека поради обемниот број апликации, и покрај посветената работа на комисиите, сепак ќе мора програмата да се соопшти до самиот краен рок, 11 февруари. Генерално, задоволство е што имаше огромен број апликации, што говори за довербата во Министерството за култура, рече Алаѓозовски.

Во дискусијата, членовите на Советот за култура ги изложија своите размислувања за темите. Најголемиот дел на забелешките на членовите се однесуваа на бавноста на спроведување на реформски зафати во повеќе области, а повеќето од нив имаа сугестии и предлози за одделни дејности.

Професорот Мирослав Грчев забележа дека во Стратешкиот план треба да има реална активност и буџет што би произлегле по преземање на активностите предвидени со елаборатите што Работната група ги изготвила за решавање на проблемите од т.н проект „Скопје 2014“, што според него треба да биде врвен приоритет. Грчев предложи за справувањето со контроверзниот проект да се создаде посебна програма со буџет, а Министерството за култура барем програмски да преземе активности во некои од објектите, на пример во Портата Македонија.

Во неговата дискусија, професорот Владимир Милчин меѓу другото се осврна на состојбата со културното наследство, при што рече дека заштитата треба да биде прв приоритет на Министерството и затоа треба да е прва точка во Стратешкиот план. Според професорот Милчин, културното творештво не е толку загрозено како културното наследство. „Ништо не е толку загрозено како што е културното наследство, ако не го заштитиме, ќе го изгубиме“, потенцираше Милчин. Тој алармираше и за состојбата на Архивот на Македонија, кој се поплавува по секој дожд и посочи дека според него неопходно е оваа институција да се врати во објектот во кој беше сместена пред да се пресели во зградата со Археолошкиот музеј и со Уставниот суд.

Забелешките во дискусијата на новинарката Гена Теодосиевска се однесуваа на потребата од поголема транспарентност во однос на водењето на меѓународната политика за култура. Во однос на нејзината матична куќа, МРТВ, Теодосиевска додаде дека е важно Владата и Министерството да преземат активна улога во процесот на трансформација на МРТ и во содржинска смисла. Според Теодосиевска, МРТ не смее да има само информативна функција и дека треба да има поголема застапеност на културните и едукативните содржини.

Културниот работник Селам Сулејмани зборуваше за аспекти на децентрализацијата во културата. Тој ја истакна потребата Тетовскиот музеј да се доопреми со артефакти за да биде атрактивна содржина во градот, како и да се вложи повеќе во неговата инфраструктура, имајќи ги предвид руинираните услови во кои работи.

Истакнатата историчарка на уметноста, Соња Абаџиева, во нејзината дискусија упати забелешки во однос порамномерно распределување на поддршката по дејности. Абаџиева ја спореди ликовната дејност со големиот број музичко-сценски фестивали на пр., што се поддржуваат, додека тоа не е случај со ликовната дејност. Таа зборуваше и за децентрализацијата и за потребата на суштинска дисперзија, што не се случува доколку проекти од Скопје гостуваат во помалите градови. Абаџиева е исто така согласна дека заштитата на културното наследство треба да е на прво место во Стратегијата. Воедно, таа ја истакна и неопходноста во денешно време од дигитализација, посочувајќи дека речиси ништо од ликовната сфера од македонското творештво не може да се најде во дигитална форма.