28/04/2024
Охрид

Со низа активности Црвен крст Охрид ги одбележува Светскиот ден и Неделата за борба против СИДА

1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2023 г.), Црвен крст Охрид го одбележува со низа активности во рамките на светската кампања под мотото „LET COMMUNITIES LEAD” „НЕКА ЗАЕДНИЦИТЕ ВОДАТ“ потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та. Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.

Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние коимживеат со ХИВ, денес волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, посетителите ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.

Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.

Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.

И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Canadian for Children at Health Risk од Канада.


WebOhrid / 01.12.2023 / Црвен крст Охрид