24/04/2024
ДебрцаПисма/Колумни

Согласни калуѓери и во петок мрсат!

За историскиот крај Дебрца, се вели, дека, е родното место на новата македонска државност. Селото Црвена Вода, пак, е родната куќа на денешна Македонија.

Мештаните од ова село се пречувствителни на темата: препрочитување на историјата, јазик на омраза и слично, произлезена од ирационалниот и за современиот свет, несватлив спор помегу Бугарија и Македонија.

Ако, пак, на нешто се најчувствителни мештаните, тоа е препрочитувањето на литературното создавање, кога е во прашање нивниот славен соселанец, родоначалникот на македонското литературно творештво за деца и млади, писателот и поет Ванчо Николески.

-Само нека чепнат во “Волшебното самарче” и курирчето Трајче, па ќе си видат со кого си имаат работа, вели претседателот на Месната заедница, Војдин и самиот со презиме Николоски.

Овој функционер-претседател, пред три години, му беше домаќин на претседателот Пендароски. Тој е медар, има пчеларник, ама знае да пронајде и мед од диво пчелно семејство, високо во врвовите на Караорман. Мала тегличка му подари на Претседателот, кој, откако слушна дека сите нишани на македонската државност се зачнати, или родени во Црвена Вода, самиот се запраша: зарем е можно, јас да сум првиот претседател кој стапнал во селото од ослободувањето до денес!?

За мештаните од ова село велат дека се согласни калуѓери кои и во петок мрсат! Затоа имаат постигнато многу. Со иницијативност и припомош на влијателни поединци со корен од ова село, меѓу кои е и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ги имаат разрешено сите комунални потреби.

Електрично напојување имаат мегу првите во земјата. Веднаш после ослободувањето. Образование, исто така. Ванчо Николески им беше првиот учител, најнапред во сопствената родна куќа, потоа во пространата училишна зграда која сега е реновирана и е Спомен дом на НОВ и Револуцијата, со посебна Спомен соба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и посебна за Ванчо Николески.

Изградија пристапен пат, како врска со магистралниот Кичево – Охрид, го асфалтираа, сега го одржуваат со припомош на спонзори. Имаат вода за пиење во изобилство. Од петте кладенци, но и од водоводот. Мегу првите имаа рурална телефонија. Се градат нови куќи, изграден е и угостителски комплекс од две вилички и голем ресторан Bella Casa.

Победуваат заедно со фирмата „Победа“ од соседното село Ботун

Денес, 8 август, сите патишта ќе водат кон Црвена Вода. Ден за слава во селото е празникот Света Петка, на која маченица и подигнуваат нов храм, високо над селото, во месноста Старо Село. Една од трите населби, од кои претците се собрале во Црвена Вода.

Претците на Ванчо Николески се дојдени од населбата Мацково. Така се вика и селското Здружение за култура и литература, организатор на единствената кај нас традиционална манифестација – Балканскиот поетски камп за млади “Ванчо Николески”.

Во очи на славата, фирмата “Победа” од Ботун, преасфалтира одредени делници од патот, некои оштетени места ги искрпи, со ветување дека до крајот на годинава, целиот пат ќе добие нова асфалтна подлога.

Обично се вели дека во секоја несреќа, има и помалку среќа, како што во секоја среќа, може да има и помалку несреќа.

Кога мештаните од Црвена Вода го пробиваа патот тогаш сесрдна помош им даде творецот на гигантот ЕМО, Никола Матлиески – Пашата, некаде на средината, се откри непресушен мајдан од чист бел чакал. Суво злато. Најнапред го користеше “Гранит” од Скопје, а потоа под концесија го зеде фирмата “Победа” од Ботун.

Сопственикот, Дончо Димоски, заедно со својот вреден како мравка син, Михаил Димоски, користејќи го мајданот, создадоа солидна компанија, која сега изведува значајни инфраструктурни објекти во Охрид. Им се посреќи и со изградбата на автопатот, така што, кон мајданот, секојдневно, фрчат огромнни камиони. На струшки “Илинден”, како и на други компании, ангажирани на автопатот.

“Победа” (Дончо и Михаил) земаат, печалат, но и не забораваат. Тие знаат дека тешките камиони го оштетуваат асфалтот. Никогаш не дошле во кавга со селаните – соседи и пријатели. Редовно ги крпат оштетувањата, преасфалтираат помали и поголеми делници. На секој што му треба чакал во селото, го добива без пари, дома донесен. Камен, исто така. За селски потреби, пак, да не зборуваме!

Селаните, кај петте кладенци, уредуваат простор за одмор, подготовка на храна и рекреација. Поставени се клупи и маси, за секој добронамерник. Ќе се гради и летниковец, покриен, додека “Победа”, им ги асфалтираше пристапните делници – до кладенците и местото за одмор.

Трпение – спасение!

Се можеше и со кавга да заврши. Имаше и такви предлози и барања. Нема ништо подобро од добар збор и разбирачка.

Согласни калуѓери и во петок мрсат, кога ќе им се совпаднат интересите, кога ќе си помагаат едните на другите.

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.