Спасовски: Институциите гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот
„Правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Тајноста на гласот е гарантирана, а институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30-ти септември“, порача денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во своето обраќање, тој рече:
„Секој граѓанин да гласа по сопствено убедување и сопствена волја. Гласот на граѓаните одлучува за иднината на Македонија. Полицијата е на висината на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните.
Македонија е слободна демократска земја со европски манири. Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно законите. Ова важи и за активностите на интернет“.
Министерот Спасовски потенцираше дека секој обид за попречување на остварувањето на право на глас ќе биде санкциониран.