20/04/2024
Охрид

Спроведени акциски контроли за подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот

Во текот на викендот, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, спроведе локални акциски системски контроли на моторни и други возилата, на возачите, товарот и патниците, но и во однос на непрописно запирање и паркирање и неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата, управување на возило со брзина поголема од пропишаната, во однос на прекршоци кои ги чинат возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди и моторцикли и по други основи.

Притоа, контролирани се триесет моторни возила и евидентирани се вкупно осум возачи кои ја пречекориле брзината на движење во, и надвор од населено место со брзина поголема од 10 до 50 километри на час. Покрај тоа, регистрирани се четири непрописно паркирани патнички моторни возила и осум прекршоци направени од возачи на велосипеди со помошен мотор и мопеди. Кај четири лица регистрирано е некористење на заштитен шлем-кацига за време на управување со мопед, еден случај на управување без возачка дозвола, еден случај на управување мопед со изминат рок на важност на регистрација и еден на нерегистриран мопед.

По овие основи, преземени се соодветни мерки и издадени се еден мандатен и седум прекршочни платни налози, две лица се писмено предупредени, а четири се повикани на сообраќајна поука.

Мерките беа преземени во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи.