08/12/2024
Македонија

Средба Анѓушев-Томан: Поинтензивна соработка за привлекување на нови инвестиции

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Чешката Република Н.Е. г. Мирослав Томан.

Вицепремиерот Анѓушев му го честиташе назначувањето на новиот Чешки амбасадор и изрази очекување дека со заеднички напори ќе придонесат за повисоко ниво на економска соработка помеѓу двете земји.

На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу Чешката Република и Македонија и како истата да се зајакне и унапреди. Во оваа прилика вицепремиерот ги презентираше мерките од Планот за економски раст и искажа подготвеност за заедничка соработка со амбасадорот во насока на привлекување на инвеститори од Чешката Република.

„Мерките од планот за економски раст се проектирани да привлечат нови инвестиции и да ги потикнат постоечките да продолжат со развојот. Убеден сум дека мерките ќе бидат атрактивни и за чешките компании, и во таа насока ги поканувам да дојдат во Македонија да инвестираат, а Ве уверувам дека Владата со својот полн капацитет е ставена во функција да обезбеди поволна бизнис клима за нови инвестиции“, подвлече вицепремиерот.

Амбасадорот Томан и вицепремиерот Анѓушев разговараа и за соработка во земјоделието и енергетиката помеѓу двете земји и се согласија дека со заеднички напори ќе се работи на зајакнување на соработката помеѓу двете земји.