08/12/2024
Македонија

Средба на генералниот секретар на Владата, Зеќири со амбасадорката Рејчел Галовеј

Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Мухамед Зеќири денеска се сретна со амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја, Рејчел Галовеј, која честитајќи му ја новата функција изрази подготвеност за продолжување на соработката со уште поголема динамика.

На средбата беа истакнати придобивките од традиционално пријателските и одлични билатерални односи на Обединетото Кралство и Северна Македонија, при што беше констатирана безрезервната поддршка по однос на актуелните реформи за поефикасна јавна администрација и беше изразена подготвеност за користење на британските искуства и решенија со цел подобрување на степенот на професионалност, ефективност и компетентност во работењето на администрацијата.

Генералниот секретар Зеќири ја истакна важноста од спроведувањето на демократските реформи на јавната администрација, нагласувајќи дека Генералниот секретаријат и Владата продолжуваат во насока на создавање на  ефикасна, стручна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис секторот.

На средбата се разговараше и за преземените мерки од страна на Владата, за намалување на последиците од здравствено-економската криза и беше изразена поддршка за пакетот мерки кои се преземаат за помош на компаниите и одредени категории загрозени граѓани.

Од страна на амбасадорката Галовеј беше изразена подготвеност и отвореност за поддршка за помош при воспоставување контакти за поинтензивни разговори при обезбедувањето на вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија.

На средбата, позитивно беше оценета стопанската соработка меѓу двете земји, при што беше изразена надеж за интензивирање на добрата соработка во однос на обезбедување уште поголем број странски инвестиции.