16/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со европратениците Боштинару, Фајон и Пицула

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент: Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.

Европратениците од групата на СД во ЕП соопштија дека се тука да дадат безрезервна поддршка на евро-интеграциските процеси во Република Македонија. Тие изразија охрабрување до премиерот Заев, Владата и сите политичко-општествени чинители во Македонија за решавање на прашањата што се наоѓаат на патот на оваа важна цел за Република Македонија. Европратениците Боштинару, Фајон и Пицула го оценија како важен успешниот реформски процес во земјава во изминатите неколку месеци, по мудрото надминување на политичката криза, а ги поздравија и интегративните политики на премиерот Заев и на Владата, како меѓуетнички, така и во политичка смисла, за градење едно општество за сите, што се на линија на европските вредности. Исто така, на средбата е констатирано дека за Република Македонија е значајна и интеграцијата во НАТО, којашто гарантира стабилност, а со тоа и прогрес на економски план, а безбедност и стабилност, како што беше речено, ѝ се потребни и на Европската унија.

„Остваривме две третини од реформскиот План 3-6-9, а водиме и политики на пријателство и дома и во регионални рамки. Нашите очекувања се дека ваквите чекори на Владата водат кон тргање на условеноста на препораката за отпочнување преговори на Македонија со ЕУ, а во скоро време добивање и датум за преговори. Исто така отвораат и НАТО перспективи. Ја имаме меѓународната поддршка, а за Република Македонија беше и останува важна поддршката на САД“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека и денешната средбата со европратениците Боштинару, Фајон и Пицула е значајна порака и потврда дека граѓаните и Република Македонија во Европа имаат поддржувачи за остварувањето на стратешките цели, што водат кон напредок.

На средбата на премиерот Заев со европратениците Боштинару, Фајон и Пуцула е оценето дека пријателските политики на премиерот Заев, на Владата и на Република Македонија ја направија државава водич на позитивните процеси во регионот и дека овој отворен ветар на можности за Македонија и за целиот регион треба да се употреби за перспективите што ги отвора.