Сретение Господово
На празникот Сретение Господово Црквата се слави споменот на значајниот настан во земниот живот на нашиот Господ Исус Христос (Лука 2, 22-40). Во 40-от ден по раѓањето, Богомладенецот беше принесен во Ерусалимскиот храм – центар на верскиот живот на богоизбраниот народ. Според законот Мојсеев (3. Мој. 12), на жената што ќе роди машко дете, во текот на 40 дена ѝ било забрането да влегува во храмот Божји. По истекот на тоа време, мајката доаѓала во храмот со младенецот за да Му принесе на Господа благодарствена и очистителна жртва. Пресвета Дева, Мајката Божја, немаше потреба од очистување, зашто Го роди Изворот на чистота и светост без да познае маж, но по Своето длабоко смирение Таа му се потчини на пропишаното во законот.
Во тоа време живееше во Ерусалим праведниот старец Симеон (се слави на 16 февруари). Тој беше добил откровение дека нема да умре додека не Го види Христа Спасителот. По небесно вдахновение, благочестивиот старец дојде во храмот во тоа време кога Пресвета Богородица и Праведниот Јосиф Го донесоа тука Младенецот Исус за да го исполнат законскиот обред. Богопримецот Симеон Го зеде на раце Богомладенецот и, благословувајќи Го Бога, изрече пророштво за Спасителот на светот: Сега го отпушташ Својот раб со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просветлување на незнабошците и слава на Твојот народ Израилот (Лука 2, 29-32). На Пресвета Дева, пак, Праведниот Симеон Ѝ рече: Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори. А и на Тебе Самата меч ќе Ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца (Лука 2, 35).
Во храмот беше и 84-годишната вдовица Ана, пророчица, ќерка Фануилова (се слави на 16 февруари), која не се отстрануваше од храмот, служејќи Му на Бога ден и ноќ со пост и молитва. И таа во истиот час пријде славејќи го Господа и им зборуваше за Него (Богомладенецот) на сите што Го очекуваа избавувањето во Ерусалим. (Лука 2, 37-38).
До Христовото Рождество сите праведни мажи и жени беа живееле со вера во Месијата Кој треба да дојде, Спасителот на светот, и Го очекуваа Неговото доаѓање. Последните праведници на Стариот завет, кој истекуваше – праведниот Симеон и пророчицата Ана, се удостоија да Го сретнат во храмот Носителот на Новиот Завет, во Чија Личност веќе се сретнаа Божеството и човештвото.
Празникот на Сретението Господово спаѓа во најстарите празници на христијанската Црква. Познато е дека на денот на овој празник одржуваа беседи светителите Методиј Патарски (†394), Кирил Ерусалимски (†360), Григориј Богослов (†389), Амфилохиј Икониски (†394), Григориј Ниски (†400), Јован Златоуст (†407). Сепак, овој празник сѐ до 6 век не се прославуваше толку свечено. Во 528 година, за време на императорот Јустинијан (527-565), Антиохија ја снајде несреќа – земјотрес, од кој погина многу народ. По таа несреќа следеше друга. Во 544 година се појави чума, која секојдневно косеше неколку илјади човечки животи. Во тие дни на сенародна беда, на еден благочестив христијанин му беше откриено дека празнувањето на Сретението Господово треба да се прави посвечено.
Кога на денот на Сретението Господово беше отслужено сеноќно бдение со литија, престанаа несреќите во Византија. Во благодарност на Бога, Црквата во 544 година, за време на владеењето на Јустинијан I, востанови посвечено да се празнува Сретението Господово.
Со многу црковни песни го украсија празникот црковните песнотворци во 7 век – светителот Андреј, архиепископ Критски, во 8 век – светителот Козма, епископ Мајумски, преподобен Јован Дамаскин, светителот Герман, патријарх Цариградски, и во 9 век – светителот Јосиф Студит, архиепископ Солунски.
Со настанот Сретение Господово е поврзана иконата на Пресвета Богородица наречена „Смекнување на злите срца“ или „Симеоновото пророштво“, која треба да се разликува од иконата „Седумстрелна“ (13 август). Иконата „Симеоново пророштво“ го симболизира исполнувањето на пророштвото на праведниот Старец Симеон: на Тебе Самата меч ќе Ти ја прободе душата. (Лука 2, 35).