Сугарески: Ресорот “Транспорт и врски” има одлична динамика на реализација на капиталните инвестиции

Примарен фокус ставаме на реализација на капиталните инвестиции. Заклучно со овој месец или втор квартал имаме силна реализација на капиталните инвестиции во ресорот “Транспорт и врски”, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во градежните работи на санација на два мостови на регионалниот пат Неготино-Лакавица. 
 
Тој потенцираше дека вториот квартал има одлична динамика на реализација на проектите што ги работи Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта. 

“Во однос на проектот за гасификација со месец јуни ќе имаме околу 50 проценти реализација. Очекувам дека ќе надминеме 100 проценти и ќе ги искористиме 1 милијарда и 500 милиони денари предвидени за оваа намена. 

Во делот на патиштата се работи со силно темпо насекаде низ државата. Само во моментов се работи на изградба и реконструкција на преку четириесет патишта со што имаме преку 30 % реализација во овој дел, кој пак морам повторно да потенцирам дека овие проекти на ЈПДП не влегуваат во капиталните инвестиции од државниот буџет. Во делот на канализации и водоводи, на терен се работи во 28 општини или на преку 180 километри комунална мрежа. Изградбата на Железницата кон Бугарија оваа година забрзано почна да се гради и очекуваме дека и тука ќе имаме голем процент на реализација. Исто така искористени се и сите средства кои беа наменети за станбена изградба”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Овие бројки подразбираат дека ресорот “транспорт” има одлична динамика на работа на терен, очекувам дека ваквото темпо на работа ќе продолжи и во третиот квартал со што ќе имаме сериозно добри бројки во нашиот ресор, потенцiраше министерот Сугарески. 
 
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека периодот Јануари – Јуни 2019 година, споредено со истиот период 2018 година, ЈП за државни патишта има зголемување од преку 30 проценти реализација на инвестициите. 

“Градиме четири нови мостови и реконструираме преку десетина. Овие два што се санираат во Неготино се од огромно значење за жителите. Децении наназад не се санирани а Ние отпочнавме проект вреден 2,2 милиони евра со што темелно ќе извршиме реконструкција и ќе го подигнеме нивото, бидејќи ниското ниво на едниот мост прави проблем на Желеницата. Очекувам двата моста да се санираат во рамки на предвидените рокови. Дополнително работиме преку четириесетина патишта што е историски најмногу, а морам да потенцирам и дека во никој случај ЈП не доцни со исплата на фактурите кон сите градежни компании”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта. 

Министерот Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Китанов, истакнаа дека трет и четврт квартал ќе има уште подобра реализација на капиталните инвестиции, бидејќи очекуваат дополнителни работи на терен.