26/04/2024
Охрид

Свечено одбележан 11 Октомври – Денот на македонското востание и национално ослободителната антифашистичка борба

Во присуство на голем број граѓани, продолжувачи на слободарските традиции, пратеници и советници, денес со свечена академија се одбележа 81 година, од почетокот на антифашистичката и национално ослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна.

Во името на Општина Охрид пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој во оваа прилика истакна:

– Четиригодишната народно-ослободителна епопеја на Македонскиот народ во Втората светска војна, ги постави темелите на новата Македонска држава и го реализира многу вековниот сон на Македонскиот народ за создавање сопствена држава.

Континтинуираната борба на македонскиот народ резултираше со формирање на самостојна и независна Република Македонија, како единствена државна територија на Македонскиот народ на овие немирни Балкански простори.

Затоа, 11 Октомври, не претставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите.

За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и  достоинствено  да се  одговори на предизвициите кои ги носи  иднината. Нам ни е потребна онаква храброст каква што во себе го содржи тој 11 Октомври,  датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајЌи ги темелите на  идниот националниот развој.

Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат. 

Почитувани присутни, нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ.

Од името на Организацијата на Сојузот на борците – продолжувачи на слободарските традиции, говореше Љубиша Машановиќ:

– 11 Октомври, Денот на народното востание, симболот на непокорот и слободарскиот дух на македонскиот народ, претставува продолжение на нашите револуционерни и слободарски традиции изразени на сите претходни буни и востанија.

11_Oktomvri_1010202200111_Oktomvri_10102022002


WebOhrid / 10.10.2022 / Општина Охрид