Свечено отворени спортските игри на македонскиот полициски синдикат
Петнаесетите спортски игри и средби на Македонскиот полициски сидикат, свечено беа отворени денеска на спортските терени во комплексот на хотелот „Аквалина“. Игрите ги отвори заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, а пријатен престој во Охрид на учесниците им посака градоначалникот Јован Стојаноски.
„Почитувани учесници на Петнаесетите спортски игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат, почитувани гости, дами и господа. Ви посакувам топло добредојде, пријатен престој во Охрид, успешни спортски игри, многу дружење и размена на професионални искуства.
Вие, припадниците на полициските служби секојдневно се соочувате со многу професионални предизвици. Одговорната задача која секојдневно ја извршувате, бара добра психо-физичка подготвеност на секој поединец, а ангажирањето со спортски активности е токму оној предуслов кој треба да се практикува, за целосно да се одговори на поставените задачи. Овие спортски игри го поттикнуваат натпреварувачкиот дух, но дружењето го јакне заедништвото и тимската работа која е потребна за ефикасно справување со секојдневните професионални предизвици.
Ви благодариме за Вашата определба, спортските игри да ги одржувате во Охрид, најразвиениот туристички и културен центар во Република Македонија и пошироко во регионот. Се надеваме дека покрај спортските игри, заедно со гостите од полициските синдикати од пријателските земји, ќе најдете слободно време да посетите дел од богатото културно историско богатство на древниот Охрид и да ги почувствувате ретките природни убавини, заштитени од УНЕСКО.
Се надевам дека покрај постигнувањето на добри спортски резултати, ќе имате заедничките дружења, размената на искуства и соработка помеѓу полициите служби од земјите гости на овие игри. Овој начин на соработка на полициските служби, придонесува за подобрување на довербата помеѓу граѓаните од различните земји, а институциите се токму оној фактор кој треба да обезбеди сигурност на граѓаните- рече градоначалникот Стојаноски.
На спортските игри на полицискиот синдикат, учествуваат 220 учесници од Македонија како и 80 гости од полициските синдикати од Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Албанија.