09/12/2024
Македонија

Свети Константин Кавасила

Свети Константин Кавасила се родил и живеел во бурна епоха на постојани војни и борби за превласт меѓу христијанските владетели на распарченото Источно Царство. За неговиот живот и дело се знае многу малку. Се родил во Драч, во познатото семејство Кавасила. Како припадник на благороднички род, свети Константин уште од младоста се стекнал со солидно високо образование, како во областа на световните науки така и во сферата на духовните знаења. Околу 1220 година бил хиротонисан за Струмички епископ. На струмичката катедра напишал два молебни канона за светите Петнаесет Тивериополски маченици, кои се негови први химнографски творби. Благодарение на неговата посветеност во служењето на народот Божји во Струмичката епархија, бил забележан духовен процут на епархијата, за што епископот Константин бил пофален од самиот архиепископ Охридски Димитриј Хоматијан. Како ревносен пастир, свети Константин набргу бил поставен со митрополитско достоинство во градот Драч. На митрополитската катедра во својот роден град останал сe до неговиот избор за Охридски архиепископ, малку пред 1250 година. Трудољубиво служејќи, свети Константин целосно се посветил на Охридската Архиепископија. Како архиепископ, составил еден молебен канон за свети Климент Охридски и два во чест на свети Наум Охридски. Поради бурните политички премрежја кои следеле по Четвртата крстоносна војна и падот на Константинопол под власта на Латините, во 1257 година архиепископот Константин Кавасила бил заробен и заточен во Никејскиот затвор. Сепак, по периодот на заточеништво, бил вратен на Охридскиот престол и продолжил бескомпромисно со грижата за црковниот живот на Јужните Словени. Свети Константин Кавасила се упокоил во Охрид на 18 октомври/31 октомври, предавајќи ја својата душа во рацете Христови.