28/03/2024
Македонија

Свети Стефан, патријарх Цариградски и Светиот апостол Андроник

Свети Стефан, патријарх Цариградски

Син на царот Василиј Македонец и брат на царот Лав Мудриот. На патријаршискиот престол дојде после Фотиј и со Црквата Божја управуваше од 889 до 893 година. Мирно се упокои и се престави кај Господ, Когошто многу Го љубеше.

Светиот апостол Андроник

Еден од Седумдесеттемина. Роднина на Светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и Света Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија. Со Света Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест. Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).