29/04/2024
Македонија

Трајанов: Итно да се усвојат измените на Изборниот законик за една изборна единица

Денес, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, одржа прес-конференција во врска со измените на Изборниот законик, на која нагласи:

„Македонија треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација на државата и промени кои ќе гарантираат коренити реформи, владеење на правото, борба против криминалот и просперитет на државата.

Младите сакаат да живеат во држава со универзални вредности, институциите да функционираат, законите да важат за сите подеднакво, без привилегирани, без корупција и еднакви шанси за сите, како битни предуслови да не ја напуштат Македонија.“ – изјави Трајанов.

Инаку, Предлог-законот за измени на Изборниот законик со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, до Собранието беше доставен 5 март 2021 година и подолго време е блокиран од СДСМ и ДУИ. Во комисиската расправа пратениците на СДСМ и ДУИ беа против измените, но на пленарната седница одржана на 14 јуни 2023 година гласаа ЗА. Законот доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање на амандмани и гласање за усвојување на измените со кои Македонија ќе биде една изборна единица.

„Очекуваме најитно да се одржи расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница.“ – додаде Трајанов.

Предлагачи на законот се: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници.


WebOhrid / 12.10.2023 / Демократски сојуз