Ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“ во посета на Португалија
Во месец Октомври 2022 година делегација од ООУ „Ванчо Николески“ присуствуваше на третата мобилност од Еразмус+ проектот „Наша култура, наша иднина“, што се реализираше во Palmela – Setúbal, Португалија. Целта на оваа мобилност беше запознавање и споделување знаења и искуства за културното и историско наследство од сите земји учесници, со посебен акцент на земјата домаќин. Освен претставници од ова училиште, присуствуваа и претставници од: Корчула (Хрватска), Турција, Романија, Италија и Португалија.
Тимот од пет ученици од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец го водеа педагогот Весна Терзиоска и наставничката по англиски јазик Елисабета Настоска, кои се одговорни за Еразмус+ клубот при ова училиште. Учениците и наставниците имаа можност да го посетат училиштето во Palmela кое е партнер во овој проект, да го истражуваат културното и историско наследство на општините Palmela и Setúbal, да го посетат Lisbon, познатиот музеј и неговите значајни историски и културни знаменитости, да бидат дел од разни креативни ликовни и социјални работилници, како и да творат заедно. Исто така имаа одлична можност да се возат со брод по Атлански океан и да гледаат игра на делфини, како и да посетуваат разни природни убавини во таа област. На оваа мобилност учениците од ова училиште го презентираа градот Охрид и неговите убавини, имаа презентација и за флората и фауната на Охридското езеро, а исто така имаа музички перформанс претставувајќи ја легендата „Билјана платно белеше“. Сите земји партнери во проектот имаа свој настап со претставување на своите култури, со што учесниците повеќе се запознаа со културите во останатите земји, со сличностите и разликите. Сето тоа допринесе за нови знаења, поголема соработка и дружење, што резултираше со убаво поминато време, забава и многу пријателства.
За време на престојот во Португалија учесниците од проектот имаа официјален прием во општинската куќа од заменик градоначалникот на општината Palmela, каде се наоѓа училиштето учесник во проектот. Проектот „Наша култура, наша иднина“ се темели на заеднички активности и размена на искуства на оваа тема, а учениците преку запознавање на другите култури се едуцираат да ги почитуваат разликите и да градат мостови меѓу народите.
ООУ „Ванчо Николески“ веќе успешно реализира два Еразмус+ проекти, а оваа година во тек е имплементација на уште три Еразмус+ проекти.
WebOhrid / 03.11.2022 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец