29/03/2024
Спорт

Важна победа против Малта на почетокот од квалификациите за ЕП 2024

Победа на Македонија со 2:1 против Малта во првиот меч од квалификациите за ЕВРО 2024. Елиф Елмас и Дако Чурлинов со голови во второто полувреме ја донесоа победата на Македонија за важни три бода на стартот од квалификациите.

Нашата селекција доминираше во текот на мечот, но противникот се бранеше со сите сили. Во првиот дел, Македонија ја презема иницијативата, ја пренесе играта на половината на гостите, но тоа беше без реална шанса, освен ако не се сметаат за заканите на Миовски во два наврати, потоа на Велковски со глава, како и на Трајковски.

Во самиот финиш на првиот дел Малта двапати се закани, Сатариано шутираше, но само во ногата на Зајков, а потоа Камензули се обиде, но топката отиде покрај десниот дирек на Димитриевски.

Македонија ја имаше иницијативата, го имаше и поседот, но недостигаше завршен пас за да се дојде до идеална шанса за гол.

Второто полувреме го почнавме, селекторот Милевски реагира, ги внесе во игра Несторовски и Чурлинов во 58. Минута, а само две минути подоцна беше покажан пенал за нас, но кусо траеше радоста. ВАР го поништи пеналот, Миовски симулирал фаул, па затоа немаше удар од белата точка. Претходно Елмас опасно шутираше, а голманот на гостите добро брани.

И конечно гол и радост на трибините. Супер акција која ја започна Алиоски, Миовски спушти со глава до Елмас, а овој мајсторски погодува за водство на Македонија од 1:0. Веднаш потоа, Барди до Чурлинов кој со лева откосо прекрасно шутираше во поблискиот агол и водство на Македонија од 2:0.

Но, Малта погодува и тоа преку Јаник за 2:1, по една мешаница пред нашиот гол во 85. минута. До крајот, гостите со сите сили тргнаа кон израмнување, но нашите беа внимателни за конечни 2:1.

Квалификации за ЕВРО 2024

МАКЕДОНИЈА – МАЛТА 2:1 (0:0)

Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 10.000. Судија: Кристо Тохвер (Естонија). Стрелци:Елмас 66., Чурлинов 73. (МАК)., Јаник 86. Ж. Картони: Барди, Алиоски, Миовски, Атанасов (МАК), Кристенсен, Теума, Борг (МАЛ). Ц. Картони: Благоја Милевски – селектор (МАК).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Муслиу, Велковски (58.Чурлинов), Ристовски, Алиоски (80. Ашковски), Атанасов, Барди, Елмас, Трајковски (58. Несторовски), Миовски (80. М. Ристовски).

Селектор: Благоја Милевски.

МАЛТА: Бонело, Апап, Борг, Атард, Џ. Мбонг, Гуламиер, Кристенсен (78. Јаник), Камензули (78. Корбалан), Теума (85. Паибер), П. Мбонг (67. Димеш), Сатариано (84. Џонс).

Селектор: Микеле Марколини.


WebOhrid / 23.03.2023 / ФФМ