Владата на РМ денеска ќе ја одржи својата 69-та редовна седница

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата 69-та редовна седница на која на дневен ред, меѓу другото, на предлог на Министерството за економија ќе биде разгледaна информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи склучени со министерството.

На денешната седница на владата ќе биде разгледана и информацијата од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, како и за јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот “Подобрување на железничка пруга Коридор 10”, финансирани по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.

На предлог на Министерство за транспорт и врски, денеска на дневниот ред на владината седница ќе се најде и информацијата во врска со потребата за донесување на Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година и Уредба за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.

На оваа седница на разгледување пред министрите ќе се најде и Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош, како и информацијата за спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Република Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.

Министерството за здравство на денешната седница ја приложува на усвојување Предлог-програмата за изменување на програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ) во Република Македонија за 2018 година.

На 69-тата седница на Владата на РМ ќе биде разгледан и посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за можните злоупотреби на буџетските средства, јавните фондови и средствата на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал за изборен период – предвремени парламентарни избори 2016 година, кој доаѓа како предлог на Собранието на Република Македонија.

Собранието на Република Македонија на увид на министрите во владата ги достави и годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година.

На седницата на владата денеска ќе биде разгледана и информацијата за реализација на кредитите и проектите од ЕБРД со гантограм и динамика на реализација, и за техничките и финансиските аспекти на имплементација на проектите на АД МЕПСО.

На денешната седница Владата ќе го разгледа и извештајот за работата на Дирекцијата за ТИРЗ за периодот од 01.07.2017 до 31.12.2017 година.

Владата на Република Македонија, својата редовна 69 седница, е предвидено да ја започне во 12:00 часот.