28/04/2024
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: До архивата на партија пристигнати се 8 кандидатури

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Заврши рокот за пријавување на кандидати за претседател кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ на претстојната конвенција на партијата во Струга, која ќе се одржи на 16 февруари.

До архивата на партија пристигнати се 8 кандидатури, но конечниот број на апликанти ќе биде познат деновиве со оглед на фактот дека дел од апликациите, би можеле да стигнат и по пошта.

Сите кандидатури  дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за Претседател на Република Македонија, по која што проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат за Претседател на Републиката. 

Сите кандидати кои ги исполнуваат условите за претседателски кандидат ќе им биде обезбедено време и простор за презентација на нивната програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во период од 6 до 16 февруари.

ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи достапност до партиските ограноци за секој кандидат подеднакво, согласно принципите на демократијата, со цел членството да може да ги слушне нивните идеи, ставови и аргументи.

ВМРО-ДПМНЕ е прва партија во Македонија, која отвора еден вака широк процес на презентација типичен за развиените  демократии, каде секој кандидатот има можност за непосредни средби со членството и негово запознавање со своите гледишта за државата.

Ваквиот процес е со цел низ еден транспарентен и демократски процес да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните, ќе ги застапува нивните идеи и ќе работи во  согласност со Уставот и законите во полза на сите граѓани. 

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ  уште еднаш ја повикува власта да се охрабри и да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори. Хаосот кој го предизвикаа во државата не смее да продолжи.

Власта која нема направено ништо за државата, а потроши две години од животот на граѓаните треба да си замине.