01/09/2024
Струга

ВМРО-ДПМНЕ Струга: Господине Мерко, сам себеси се лажете, народот не можете!

ОК ВМРО-ДПМНЕ Струга, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние најави дека УНЕСКО ќе ни го одземе статусот на Охридското езеро, како што нагласи, поради скандалозното однесување и владеење на градоначалникот на Струга, господинот Рамиз Мерко.

Покрај толку дивоградби на струшкото крајбрежје, сообраќаен хаос, дилетанско поставување директори на струшките училишта со аминување на самиот градоначалник, потпомогнат од луѓето на СДСМ, мито и корупција на сите страни, градоначалникот убеден во своите лаги, упорно тврди дека во Струга владее ред и мир!

Господине Мерко, сам себеси се лажете, народот не можете!

Секојдневно сме сведоци на хаосот кој што го приредува урбаната мафија низ улиците и плажите во Струга, секако со Ваше одобрение и поддршка!

Па, без нималку срам се прашувате, зошто се кренала толкава врева околу палењето на трските!

Навистина е немилосрдно од Ваша страна, така да се однесувате кон нашите сограѓани и кон нашата Струга, која е плод на природни убавини.

Оваа опомена од францускиот амбасадор, нека Ве замисли, затоа што Вие и Вашите коалициони партнери од СДСМ бевте најгласни со ветувањата за преговорите, за влез во Европска Унија!

Отворено ви кажаа и Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон и Амбасадорот Кристијан Тимоние, дека датум за преговори со корупција на највисоко ниво не се добива!

Сега се фаќате како давеници за сламка, но не можете да ги препливате лагите во кои од ден на ден се повеќе и повеќе тонете!“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга.