08/12/2024
Македонија

Втора научна конференција за аерозагадувањето

Борбата со аерозагадувањето мора да е сеопфатна, секојдневна акција, која ќе се води преку блиска соработка на владините институции со бизнис секторот, науката и поединците – изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на Втората научна конференција за аерозагадувањето која се одржа на 30 октомври во Тетово.

Целта на настанот беше да се презентираат најновите согледувања за состојбите со аерозагадувањето во урбаните средини во Македонија и определбите и можностите за справување со овој проблем.

Според Макрадули, Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржува сите активности против аерозагадувањето и во мерките и препораките ги вклучува и предлозите од невладиниот сектор. Со цел да помогне во оваа насока, засилени се и теренските активности на Државниот инспекторат за животна средина.

Со формирање на интерресорска владина група во која учествуваат претставници на сите министерства, но и други институции, како и невладини организации, Владата го подигнува степенот на борба против аерозагадувањето со тежнеење истата да се базира врз научни факти наместо на урбани митови, а превенцијата да стане доминантна политика.

Настанот е во организација на здруженијата „Еко свест“ и „За зелен град“ кои посочуваат дека сѐ поважно е точното и навремено информирање за научните факти околу аерозагадувањето и за можните решенија.