24/04/2024
Македонија

Заев: 29 години од прогласувањето на самостојноста, нашата татковина има најмногу пријатели

По повод одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември, годинава во организација на Владата на Република Северна Македонија се одржа централна свеченост  на платото пред зградата на Владата каде премиерот Зоран Заев по кратката тет-а тет средба во неговиот кабинет заедно со претседателот на државата Стево Пендаровски присуствуваа на свечената церемонија на менување на знамињата и на  интонирањето  на државната химна од страна на воениот оркестар на АРСМ.

Централната свеченост по повод Денот на независноста, годинава се одржа согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи и обезбедена дистанца и заштита.

Во рамки на Програмата, повеќе личности испратија видео-порака која беше пренесена на видео бим, во која ги дадоа своите размислувања за 8 Септември – Денот на независноста.

Во продолжение, ви го пренесуваме говорот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во целост:

„Навистина, видеото кое го погледнавме, а и самата криза во која се најде светот неочекувано, не натера да размислуваме за работите кои ни се важни, драги и при срце.

Во изминатиов период поради мерките сите се свртевме повеќе кон домот, а со тоа и кон себеси и најблиските. И со тоа преиспитавме многу свои ставови и чувства.

И јас, како и сите говорници во видеото, се запрашав што ми значи Денот на независноста, химната, што ми значи слободата.

Добро го паметам 8 септември 1991 година, Денот на референдумот за независноста. Засекогаш ми се врежани во глава сликите од прославата на Плоштадот Македонија и зборовите со кои претседателот Глигоров ни ја честиташе државата. И татнежот на македонската химна. Најубавата химна на светот.

Пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок – Независноста на државата.

Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни.

Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Идеал, кој за многу генерации беше само мечта. Пред речиси три децении, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, на 8 септември 1991 година независноста на нашата држава стана реалност.  

Токму нам, на сегашните генерации ни припадна привилегијата, но и одговорноста да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава, затоа што државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој граѓанин на Северна Македонија.

Крушевската Република беше временски краткотрајна, но со трајни историски вредности и наследство. Народна, а потоа и Социјалистичка Република Македонија, беа круната на вековниот процес за создавањето на македонска државност. Сите големи и преломни историски процеси и настани на нашата државност и независност беа проследени со борба за слобода, правда, еднаквост и солидарност. А оваа борба против сите форми на репресии, неправди и против фашизмот, е во темелот на македонската државност.

Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност и самостојност низ годините успеа да остане на демократскиот пат, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг.

Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денеска, на 29 години од славењето на нашата самостојност, татковината наша има најмногу пријатели.

Благодарение на тоа, годинава со кренати чела, Слободни и отворени кон светот, ја славиме независноста!

Почитувани,

Уште во самиот почеток граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е европскиот пат, патот кон демократските вредности. Ова подразбира вклученост и активно учество на граѓаните во политичките процеси, но и интегрираност во меѓународните институции и иницијативи.

Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија.  Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлантската алијанса, како и земја, која е на пат за членство во Европската Унија.

Патот во независноста во тој турбулентен воен период за нашиот дел од Европа воопшто не беше лесен, ниту пак извесен. Меѓутоа, огромното мнозинство граѓани тогаш застанаа заедно. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и другите, го сочуваа мирот во земјата. Токму затоа, 8 Септември – Денот на независноста, останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите.

Првите години на нашата независност беа проследени и со драматични моменти и кризи. Таков беше и конфликтот од 2001 година, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Договор со кој,  сите вклучени фактори со помош на меѓународната заедница, презедоа одговорност во име на заедничката иднина.

Денес, нашата држава има сосема извесна европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото.  Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите!

Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена  армија, со државна валута и со сите постулати на државност.

Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.

Благодарение на напорите, кои во минатиот мандат ги насочивме на надворешен план, со упорност и одважност ги постигнавме  Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Договори со кои Северна Македонија по децениско заостанување направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и почетокот за преговори со Европската Унија, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи.

Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна. Приказна која започна да го менува наративот за Балканот. Нашите соседи денес ни се сојузници и најсилни поддржувачи на меѓународен план. А овој партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме во справување со пандемијата е од исклучително значење.

Пред три години, дома се соочивме со задушени демократски процеси, узурпирани институции, поларизирани меѓуетнички и меѓучовечки односи, со еден збор заробена држава. Држава која беше раководена од режим и во која стратешките цели, беа заменети со интересите на партијата.

Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Проблеми кои со децении беа тргани настрана и од ден на ден стануваа се потешки за иднината и развојот на државата. Ги решивме отворените проблеми со соседите и дома започнавме со санирање на штетите од децениското анти-демократско владеење. Токму реформските процеси и унапредувањето на демократскиот амбиент остануваат во фокусот и во овој нов четиригодишен мандат.

Почитувани,

За време на изборната кампања имав прилика да се сретнам со голем број граѓани. Ги слушав внимателно нивните пораки и животни приказни. Секоја таква приказна е приказна за Северна Македонија.

Приказни на луѓе од различни генерации кои ги поврзува еден сон – Сонот за држава која им припаѓа на сите, и во која владее правото и правдата.  

И преку тие луѓе уште појасно ги дефиниравме нашите определби и ја напишавме новата приказна за нашата земја.

Таа е испреплетена и од приказните и придонесот на сите оние луѓе што се жртвуваа и се издигнаа над своето време затоа што сакаа нешто повеќе, нешто подобро за нивните деца.

Во тие приказни има и една силна нишка на очекувања. Очекувања на планот на борбата за правда и владеење на правото.

Затоа што мирот не се остварува само и исклучиво тогаш кога нема конфликти и тензии, туку тогаш кога е максимално присутна правдата и владее правото.

Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Таа ќе биде најважната приказна.

Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување.

Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон.

А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните.

Почитувани,

Борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжештува. Ова мора да ни биде првата мисла при будење додека не ја извојуваме и оваа битка со овој невидлив непријател. Но како и светот, така и ние, ќе се справиме само ако сме здружени и ако ги почитуваме мерките. Ова важи за сите. Без исклучоци!

И ќе успееме. Заедно сме во ова, заедно ќе успееме. Обезбедивме функционалност на здравствениот систем и секому му е пружена соодветната здравствена заштита. Оваа пандемија уште посилно ја потврди нашата заложба и во овој мандат да продолжиме со инвестирање во здравствениот систем.

Инвестирање во инфраструктура и опрема, од кои особено важен е проектот изградбата на нов, модерен Клинички центар во Скопје, како и постојаното вложување во човечкиот капитал. Преку добро платен, мотивиран и посветен здравствен кадар да градиме ефикасен здравствен систем.

Освен грижата да се зачува најскапоценото, здравјето на граѓаните, во справувањето со оваа криза спроведовме и низа економски мерки. Мерки со кои се обезбеди егзистенцијата за голем број граѓани, се зачуваа работните места и се одржуваше кондицијата на економијата. Владата продолжува со нови антикризни мерки да ги поддржува ранливите категории граѓани и најпогодените економски сектори.

Започнуваме нова македонска економија. Ја трансформираме нашата економија во динамична, иновативна, отворена и конкурентна. Економија подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса на секој. Продолжуваме со реализацијата на капитални инфраструктурни проекти. Ги унапредуваме условите за привлекување на директни странци инвестиции и на стимулирање на домашните инвестиции.  

Оваа криза за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Владата ќе ја води државата кон излез од кризата со што помалку последици, како и кон брзо враќање на претходните стапки на раст. Создаваме рамка која ќе овозможи платите и пензиите да продолжат да растат, а граѓаните да имаат поголема куповна моќ. Да обезбедиме подобар животен стандард и да ја намалуваме невработеноста.

Во следните четири години Владата ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на Европскиот зелен договор. Ваквиот пристап, овозможува економија која е во функција и на интересите на луѓето и на планетата и на здравата животна средина. Во таа насока започнуваме широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе ги исчистиме воздухот, водите и почвите.

Почитувани,

Ја извадивме државата на прав пат и сега започнува периодот на најинтензивната македонска европеизација. Приклучете се, успехот ќе биде многу поголем ако секој граѓанин даде свој автентичен придонес. Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер.

Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние, како и досега, ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби.

Во таа насока ја повикувам опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Патот кон независност е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на  огромен број генерации во македонската историја. Ја имаме неповторливата можност Северна Македонија да седне на своето столче на масата на европските држави.

Тоа е шанса која нема да ја пропуштиме.

Почитувани граѓани да го зграбиме моментот и самоуверено сите заедно да зачекориме по европскиот пат: Слободни и отворени кон светот! Ја славиме независноста!

Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста!“