09/11/2024
Охрид

Заев: Ненадејната смрт на Јован е загуба за академската заедница, за нашата држава, за СДСМ и за Охрид

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министри во Владата на Република Македонија денеска присуствуваа на комеморација за прерано починатиот градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, и им изразија сочувство на сопругата на Стојаноски, на членовите на семејството, и на колегите и соработниците на градоначалникот на Охрид и професор на  Факултетот за туризам и угостителство во овој град.

На комеморативната седница се обратија, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Македонија, Томислав Тунтев, претседавачот со Советот на општина Охрид, Живка Ангеловска, секретарот на општината, Игор Бежоски, братот на градоначалникот Стојмир Стојаноски и синот на прерано починатиот градоначалник, Димитар Стојаноски.


Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев:

„Во овие моменти тешко е да се најдат зборови за утеха за семејството на Јован. Замина прерано од животот на своите најблиски. Останаа толку многу планови и заеднички очекувања.

Во овие моменти на огромна тага, дозволете од мое лично име и од име на членовите на Владата на Република Македонија, да Ви упатам искрено сочувство до сите членови на вашето семејство, до роднините и пријателите.

Замина прерано и за сите нас.

Ненадејната смрт на Јован е загуба за академската заедница, за нашата држава, за партијата СДСМ и за Охрид. Низ годините зад нас, тој даде огромен придонес со своето посветено работење. Остави траги и предизвикуваше почит, кои секогаш ќе се паметат.

Јован беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина.

Беше препознаван како човек, пријател и сограѓанин, со топла и непосредна природа. Беше отворен за разговор за секој личен проблем. За секоја иницијатива и предлог. Почитуваше и разбираше.

Неговите постапки и однесувања со одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше со сите со кои соработуваше или се среќаваше.

Тие вредности правеа од секој негов колега, соработник, пријател и од сите сограѓани во градот и пошироката заедница, да му возвраќаат на ист начин. Со длабока почит. 
Изгубивме добар, коректен и успешен човек.

Замина прерано, но сеќавањата за него ќе останат засекогаш.

Нека почива во мир и нека му е вечна слава.“ – истакна Заев.