Заев-Тевдовски: 2018 ќе биде добра година за економски раст и за развој на инвестициите
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска учествуваше на работната средба во Министерството за финансии, на која министерот Драган Тевдовски, во присуство на заменик министерката за финансии и советниците во кабинетите на премиерот и министерот, го запознаат премиерот Заев со показателите од реализаијата на буџетот за 2017 година.
На состанокот беше констатирано дека реализацијата и извршувањето на буџетот минатата година се движеле во рамките на предвиденото, но дека она што дава оптимизам за проектирање на трендовите за буџетот за 2018 година се рекордната реализација на капиталните инвестиции, особено во последниот квартал, како и значителното интензивирање на повратот на ДДВ-то, кој во декември достигна реализација од дури 70 отсто.
По работниот состанок, премиерот Заев и министерот Тевдовски одржаа заедничка прес конференција на која Претседателот на Владата истакна дека показателите за реализацијата на буџетот во 2017 година дава оптимизам дека 2018 година, ќе биде година на Македонија, и при тоа нагласи:
„Она што сакам да го издвојам е дека крајот на годината покажа најголема стапка на реализација на капиталните инвестиции. Вкупната реализација на овие инвестиции во 2017 година изнесува 83,6 проценти ор проектираното. Ова претставува најголема реализација на капиталните инвестиции од 2013 година.
Ова, и другите параметри, најавуваат убава и надежна 2018 година. За мене е значајно тоа што можам да заклучам дека она што го направивме на крајот од годината, кога репограмиравме некаде околу 2 милијарди денарим, и со тоа учествувавме во исплаќањето на обврските, но имаше свое влијание и во остварувањето на капиталните инвестиции и учествуваше во вкупната реализација на буџетот.
Буџетскиот дефицит остана на предвиденото, на 2,7%, со можност статистички да се придвижи до 2,8%. И тоа испраќа една надежна порака до нас, како јавна администрација, е преку нас и до нашето стопанство, дека доаѓа 2018 година, како година на прогрес, година на економски инвестиции, година на севкупен економски раст и развој на Република Македонија. Очекуваме отворање на многу работни места, очекуваме зголемување на БДП-то. Тоа ќе го почувствуваат и граѓаните.
Верувам дека успешноста на оваа влада во 2018 година ќе се мери и по многу други работи. Тука се меѓународните интеграции, но она што го очекуваат граѓаните е да почувствуваат и економски ефекти дома. Затоа овој ден, како прв работен ден во новата година е убава можност да најавиме дека оптимизмот што се јавува на почетокот на оваа година, врз основа на рекапитуларот на 2017 година, најавуваат добра година. Тоа потврдува дека не е време за избори, туку време е за работа.
Знаејки го тоа, уште еднаш сакам да ја испратам пораката дека деловните луѓе можат слободно да ги прават своите планови, и дека во 2018 година ќе правиме сè да имплементираме важни стратегиски определби. Дел од тие определби секако ќе бидат и можностите домашните инвеститори да прават слободно развојни планови, заедно со банките и со сопствените потенцијали. Владата ќе направи сè за да ги поддржи тие планови за севкупниот раст на БДП.
Убеден сум дека во 2018 година конечно ќе ја оставиме политичката криза зад нас, и дека ќе ги реализираме економските перформанси што ќе ги почувствуваат сите граѓани во Република Македонија, зашто знаеме колку е важно секој да има приходи повеќе“, истакна премиерот Заев на прес конференцијата за новинарите.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес конференцијата рече дека реализацијата на капиталните инвестиции во Буџетот на Република Македонија во 2017 година е на историски највисоко ниво.
„Во 2016 година капиталните инвестиции изнесувале 16,97 милијарди денари. Остваривме одличен резултат во 2017, ако се знае дека во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи. Ние ќе продолжиме со ова темпо на реализација со што ќе се даде силен поттик на вкупниот економски резултат годинава“, рече Тевдовски.
Во однос на зголемената наплата на даноците во 2017 година, како што информира Тевдовски, даночните приходи се за 4,6% повисоки од 2016 година, при раст на сите поважни категории на даноци.
Притоа, додаде тој, Министерството за финансии, во координација со УЈП, во 2017 година реализираше поврат на ДДВ кон фирмите кои што е за 2,2 милијарди денари повисок од 2016 година.
„Ние и во 2018 година ќе продолжиме со неселективна и брзо враќање на ДДВ кон фирмите со што ќе се влијае на подобрување на ликвидноста на стопанството“, порача Тевдовски на прес конференцијата по повод заедничкиот состанок со премиерот Зоран Заев заедно со советниците во нивните кабинети.