19/04/2024
Македонија

Заменик-министерот Максути на Рос-Рот семинарот

Македонија дава големо значење на евроатлантските интеграции, кои се најважните одбранбени и надворешно-политички цели и на Владата. Горд сум што во многу краток период ние добивме позитивни коментари и поддршка од НАТО и од соседните земји за членство во Алијансата и во Унијата“, рече заменик – министерот за одбрана, Беким Максути на четвртата сесија на семинарот Рос – Рот, насловена „Земји – НАТО-Аспиранти од Западниот Балкан: Патот Напред“.

Заменик –министерот истакна дека евроатлантската интеграција на Македонија е синоним за безбедност и просперитет и дека таа е предмет на меѓуетнички и политички консензус во државата. Максути додаде дека интеграциските процеси се и патоказ, но и водечка сила во реформските зафати.

„Поттикнавме една позитивна атмосфера и навлеговме во реформските процеси со решителност и одлучност. Повторно воспоставивме добрососедски односи и регионална соработка, демонстрирајќи дека споровите и разликите на Балканот можат да се решат на европски начин, а договорот со Грција е последниот позитивен пример за тоа“, рече Максути.

Во однос на одбраната, заменик-министерот истакна дека Владата донесе одлука за сукцесивно зголемување на одбранбениот буџет за 0,2 процентни поени секоја година, до нивото препорачано од Алијансата, но и дека во рамки на Министерството интензивно се работи на донесувањето на клучниот документ кој ќе биде водилка во развојот на Армијата и Министерството, Стратегискиот одбранбен преглед. Тој документ, рече Максути, е важен за да утврдиме една долгорочна визија за развој на одбраната.

Заменик-министерот истакна дека приемот на Македонија во Алијансата позитивно ќе влијае на економската состојба, факт кој е видлив и преку искуствата на земјите кои веќе станаа дел од НАТО, како Словачка, Чешка, Романија, Бугарија и Албанија. „Безбедноста и економската состојба не се две различни полиња, зашто токму безбедноста и стабилноста се базични потреби за економски развој и позитивна инвестициска клима“, заклучи Максути.

Семинарот Рос – Рот е во организација на Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со Собранието на Република Македонија. Темата на семинарот е Евроатлантската интеграција на Западниот Балкан како зајакнување на Европскиот мировен проект. Семинарот е дел од Рос-Рот програмата која има за цел да ја промовира парламентарната свесност, принципите на демократска контрола на вооружените сили и да развие ефективен надзор врз одбраната и вооружените сили.