20/04/2024
Македонија

Запленети марихуана, цигари, облека, парфеми и друго

На Интернационалниот Аеродром Скопје, царинските службеници спречија уште еден обид за шверц на наркотични дроги. Откриено е и спречено е криумчарење на 3 килограми марихуана.

Имено, на 14.10.2018 година околу 17 часот, за излез од државата се пријавил француски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Париз. При детален преглед на неговиот багаж, еден куфер и една црна торба, во куферот биле пронајдени 30 штеки цигари, а во торбата 19 штеки цигари и 3 пакувања наполнети со непозната материја од растително потекло. По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата растителна материја веднаш беше доставена на вештачење со кое се утврди дека станува збор за марихуана.

Царинската управа на Република Македонија, до надлежното Основно јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против осомничениот поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “.

Покрај тоа, во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани облека, ташни, паричници, делови за моторни возила, парфеми, тоалетни води, мобилни телефони и црковни производи.

Задржана е следната стока:

Облека и модни додатоци

– 205 парчиња женска облека и 102 парчиња аксесоари, откриени во три одвоени случаи, при контрола на три македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, во две патни торби и неколку кеси, сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 160 женски блузи.

Во вториот случај, во најлонски кеси сместени во багажникот, под патосниците и во празнините на вратите на возилото, биле пронајдени 102 парчиња женски ташни и паричници и машки паричници.

Во третиот случај, во три торби сместени во багажникот и една торба сместена на задното седиште на возилото, биле пронајдени 45 парчиња женска облека (фармерки, хеланки, кошули, фустани и здолништа).

Во сите три случаи непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 63 парчиња облека (дуксери и долни тренерки) откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавените производи биле пронајдени во еден куфер и една кеса сместени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против патничката во возилото, која изјавила дека производите се нејзина сопственост, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Делови за возила

– 47 разни делови за моторцикли и автомобили, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, во багажникот и под задните седишта на автомобилот, биле откриени 41 парче делови за моторцикли (цилиндри, клипови, реглери, стартери, ретровизори, брави, кациги, дихтунзи и друго).

Во вториот случај, во багажникот на автомобилот биле пронајдени 6 парчиња делови за патнички возила (употребуван мотор, сет ламела и пластични браници).

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

– 31 парче резервни делови за товарни возила (воздушни перници, гуртни, федер-платна, трепкачи, амортизер, филтер за возух и друго), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, покриени со прехранбени производи, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Парфеми, тоалетни води и мобилни телефони

– 35 парфеми и тоалетни води (Aigner Ladies Day Paris 100ml, Vanderbilt 100 ml, Fatale Pink 100 ml, Elizabet Arden 100 ml, Maraussia 100 ml, Iceberg 50 ml, Burberry Sport 50 ml и други), откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонска државјанка кој допатувала со лет од Берлин. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 5 употребувани мобилни телефони марка Samsung S6, Samsung S7 и Samsung S8 и 44 делови за мобилни телефони (маски, екрани и конектори), откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Црковни производи

– 26 парчиња разни црковни производи (ѕидни лустери, кандила, пехари, крстови, украсни кутии, дрвени украсни сталажи и еден комплет за причест) откриени при контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во една преграда и над горниот кревет во кабината, како и во сандакот за сместување палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.