28/03/2024
Охрид

Започна реконструкцијата на улицата „Абас Емин“

Денеска започнува реализација на еден од најважните инфраструктурни проекти во Охрид, а тоа е Комплетна реконструкција на улицата „Абас Емин“. Со ова, конечно се решава еден децениски проблем и се обезбедуваат подобри услови за жителите на Општина Охрид.

Проектот е поделен на два дела, првиот дел, за изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој. Вториот дел од инвестицијата, кој опфаќа комплетна реконструкција на коловозната лента и тротоарите во должина од 1100 метри, од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Железничка“ ќе се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид. Вредноста на вкупната инвестиција е околу 40 милиони денари.

Во рамки на активностите за реконструкција на целокупната подземна инфраструктура, првично ќе биде опфатен потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“.

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со надлежните во Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, направи увид на започнатите активности.

 – Како резултат на истрајноста, упорноста, ангажираноста и посветеноста на Локалната самоуправа со особена гордост и задоволство сакам да Ве информирам дека денес започнува реконструкциајта на улицата „Абас Емин“. Реконструкацијата на оваа улица е капитална инвестиција за нашите граѓани, нешто што беше планирано од сите претходни градоначалници и сите претходни Локални власти. Како локална самоуправа ги препознаваме вистинските потреби за нашиот град, ги лоцираме вистинските проблеми и напорно работиме на нивно решавање. Ова е сложен инфраструктурен проект, во текот на изведбата ќе има измени на сообраќајниот режим на улицата „Абас Емин“ затоа упатувам молба до граѓаните за разбирање при изведување на работите, истакна Георгиески во своето обраќање до граѓаните. Тој најави дека доколку се тече според планираното, комплетната реконструкција на улицата ќе треба да заврши за околу една година.

https://youtu.be/HYYi3YuG_Nk