Започна санацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро
Со пригодна свеченост денеска во Охрид беше означен почетокот на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во своето обраќање пред присутните истакна дека овој значаен проект започнува како резултат на конкретни подготовки, барање на најдобри решенија и финансаиски срeдства за реализација.
– Овој сериозен зафат го преземаме затоа што несеопфатната реализација и негрижа за одржувањето на системот за прочистување на отпадни води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните пет месеци ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското Езеро и заштитеното подрчје опфатено со УНЕСКО се наша гордост и грижа за сите нас. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, истакна Заев.
Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми во својот говор пред присутните истакна дека со санацијата на Колекторскиот систем се исполнува една од најважните препораки на Комитетот за заштита на светско културно и природно наследство на УНЕСКО и значаен чекор во заложбите за зачувување на статусот на светско природно наследство кој го поседува овој регион.
– Заштитата ан Охридското Езеро мора да биде еден од врвните приоритети на нашето делување и затоа не смее да се дозволи никаков компромис. После долги години на отсуство на нашата земја во процесите и соработката со УНЕСКО, за помалку од една година Република Северна Македонија ја зајакна својата соработка на политичко ниво и се враќа на голема врата во процесите и соработката со УНЕСКО. Покрај членството во НАТО и отварањето на преговорите со ЕУ, УНЕСКО е третиот надворешно политички приоритет на Владата на Република Северна Македонија, истакна Адеми.
Директорот на Јавното петпријатие „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски рече дека ова е најзначајниот проект за заштита на нашето уникатно и скапоцено природно богатство и конечно се решеваат децениските проблеми со нефукционалноста на Колекторскиот систем и загадувањето на езерската вода, како и на целокупната животна средина во Охридско-струшкиот регион.
Активностите за санација на терен ќе ги врши фирмата „Еко тим“ од Скопје, филијала на хрватската компанија „Инд Еко“ од Ријека што работи на санација на системи за канализациски и системи за одвод на атмостферска вода.
– Санацијата ќе се врши со најсовремена технологија, со чистење на цевководот одвнатре без ископ на постојната мрежа. Ова е технологија која ние ја применуваме веќе 15 години, но ќе биде применета за прв пат во Република Северна Македонија. Предноста на оваа технологија е тоа што ќе ги изведуваме работните активности без оштетување на надземната и подземната инфраструктура. Активностите ќе треба да се извршуваат многу побрзо во споредба со активностите кои се потребни за класично ископување на цевките, објасни,Жељко Шмитран, директор на фирмата „Еко Тим“.
Во рамки на проектот е предвидено да биде саниран најкритичниот дел од системот, кој е потполно нефункционален, а ќе бидат репарирани и санирани 20 пумпни станици. Исто така во рамки на проектот е предвидено и чистење на секундарната канализациона мрежа во градовите Охрид и Струга.