19/04/2024
Охрид

Започна со работа центарот „Една точка за услуги“ во Охрид

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, беа во посета на центарот „Една точка за услуги“ кој денеска официјално започна со работа во Охрид.

Центарот за услуги е сместен во стариот влез на зградата на општина Охрид и истиот ќе овозможи на едно место да се добијат повеќе услуги, со што значително ќе се намали времето на чекање на граѓаните при обезбедување на информации и документи.

– Во име на граѓаните на општина Охрид упатувам благодарност до Министерството за информатичко општество и администрација за отварањето на овој центар, кој ќе придонесе за подобрување на ефикасноста на државните служби, поедноставување на процедурите за издавање на документи и зголемување на бројот на е-услуги. Со овој центар, услугите ги правиме подостапни за граѓаните, ги дигитализираме и ги поедноставуваме постапките, изјави градоначалникот Георгиески.

Тој истакна дека со формирање на Агенцијата за дигитализација и фузирање на општинските услуги, во иднина ќе се зголемат услугите на овој центар, кои се под ингеренција на локалната самоуправа.

Министерот Шаќири рече дека целта на центарот е да ги обедини сите државни институции во Република Северна Македонија и да го поедностави пристапот на граѓаните до институциите.

Граѓаните во центарот за услуги ќе може да добијат околу 65 целосно дигитални услуги, за 62 услуги, центарот ќе воспостави дигитални комуникации со другите институции, а 800 услуги ќе бидат сервисни информации.

Петходно, во рамки на својата работна посета на Охрид, министерот Шаќири имаше работен состанок со градоначалникот Георгиески.