26/04/2024
Охрид

Здружение на граѓани „Совест“: Маските ќе паднат, лицемерието ќе излезе на виделина

Здружение на граѓани „СОВЕСТ“ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

Денеска со писмена изјава до медиумите се обрати поранешната директорка на Заводот за заштита на спомениците и Музеј – Охрид, Тања Паскали Бунташеска, во врска со нашите ставови изнесени на прес конференцијата одржана на 20 ноември. Веднаш да појасниме: Ние како здружение на оваа прес конференција никого не ОБВИНИВМЕ, туку ПРАШУВАВМЕ и баравме ОДГОВОРИ од сите институции инволвирани во овој случај, зошто не се почитуваат законите. Добро е што екс директорката сама кажува дека “заради неусогласеност на Законот за градба и Законот за заштита на културното наследатво, невозможно било Министерството за транспорт и врски да издаде одобрение за градење и затоа проектот се реализира со конзерваторско одобрение“. Тоа и ние како здружение го посочивме и нема потреба повторно да се надмудруваме со толкување на законот. Затоа, ги повикуваме Јавното обвинителство, Народниот правобранител и Државната Комисија за спречување на корупцијата, согласно законските норми и овластувања ВЕДНАШ да реагираат и тие да дадат свое толкување, а согласно своите областувања и соодветно да реагираат.

Како прилог кон успешно разрешување на целиот случај ( за кој ние и понатака сме на мислење дека е спротивен на законите, а притоа никого не ОБВИНУВАМЕ) ги упатуваме посочените институции да ја проверат постапката и носењето на Планот за интегрирана заштита на старото градско јадро кој го донесува Управниот Одбор на Заводот и музеј од Охрид, а кој произлегува од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.“- стои во соопштението.