26/04/2024
Македонија

Жените во Македонија сè уште се соочуваат со низа пречки во остварувањето на своите сексуални и репродуктивни права

Во рамки на тековната 71. сесија на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите Нации, денеска (1 ноември 2018 година) во Палатата на нациите во Женева се одржува дијалогот со претставниците на институциите на Република Македонија во врска со напредокот на земјата во спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Потсетуваме дека девојките и жените во Република Македонија сè уште се соочуваат со низа пречки во остварувањето на сексуалните и репродуктивните права.

Правото на избор и натаму се регулира со ограничувачки закон кој го доведува во прашање здравјето и животот на жените и со кој се потценува нивната способноста самостојно да донесуваат одлука за сопственото тело и здравје. Нов закон за абортус, иако е во подготовка, сепак сè уште не е донесен. Со постојниот закон во Македонија и ден-денес пристапот до абортус го отежнуваат задолжителниот период на чекање од три дена, задолжителното пристрасно советување и задолжителниот ултразвук преку кој бремените жени се принудени да го слушнат срцебиењето на фетусот. Оттука, сегашниот закон е во спротивност со препораките на Светската здравствена организацијата и со меѓународното право и со него државата и натаму им го прекршува правото на избор на жените во Македонија и го уназадува нивното здравје. Дополнително, медикаментозниот абортус сè уште не е достапен во земјата.

Стапката на користење на модерна контрацепција во земјата изнесува 12,8% и со тоа Македонија има најниска стапка на употреба на модерна контрацепција во споредба со земјите од Југоисточна Европа и општо во Европа. Во земјата сè уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивна листа, со што им се отежнува или сосема оневозможува пристапот до модерни контрацептиви на најсиромашните и социјално ранливите групи.

Учениците во Македонија немаат пристап до основни информации во формалното образование како да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според истражувањата, само 13% од учениците добиле информација за користење на кондоми, а едвај 2% учеле за орална контрацепција. Дополнително, учебниците содржат неточни и застарени информации преку кои многу често се зајакнуваат родовите стереотипи и стигмата кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентититет. Само дел од темите од сексуалното образование се опфаќаат на часовите по животни вештини, а сеопфатното сексуално образование и натаму се изучува надвор од училишните клупи.

Претставничките на здруженијата ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор присуствуваат на 71. сесија и одблизу го следат дијалогот на земјата со Комитетот за елиминација на дискриминација врз жените. Имајќи ги предвид состојбите поврзани со остварувањето на сексуалните и репродуктивните права на жените во Македонија, ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор му препорачуваат на Комитетот  да побара од државата:

 1) веднаш да го измени Законот за прекинување на бременоста усвоен во 2013 година и да ги отстрани сите идеолошки и законски пречки кои денес им го загрозуваат правото на избор на девојките и жените;

2) да го воведе медикаментозниот абортус и да го направи пристапен низ целата земја;

3) да го подобри пристапот до современите контрацептивни средства, така што модерните контрацептиви ќе бидат ставени на позитивната листа на лекови со цел превенција на непланираната бременост, и

4) да развие соодветен образовен модел и наставна програма со цел воведување на сеопфатното сексуално образование како задолжителен предмет во основните и средните училишта.

Здруженијата ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор – Истражување