26/04/2024
Охрид

Зголемени безбедносни мерки во Охрид за претстојните празници

Во пресрет на претстојните велигденски и првомајски празници, безбедносните мерки на СВР Охрид се насочени кон зачувување на јавниот ред и мир, спречување на имотните деликти и зголемена сообраќајна безбедност на целото подрачје. Посебен акцент е ставен на целосно спроведување на безбедносните протоколи за заштита на јавното здравје и на граѓаните од вирусот Ковид 19.

„Во услови кога во Охрид и Струга, очекуваме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно апелираме за совесно и дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење и другата коризонтална и вертикална сигнализација, исклучиво користење безбедносни појаси, некористење на мобилните телефони во тек на управување со моторно возило, а посебно, неуправување моторно возило под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната, но и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.“ – апелираат од СВР Охрид.

Контролите во сообраќајот ги спроведува полициската станица за безбедност на патиштата во сообраќајот Охрид кои, денеска ја ангажираа полициската мото патрола.

Инаку, безбедносните мерки и контроли, СВР Охрид ќе ги спроведува самостојно, но и во координација со инспекциските служби, јавните претпријатија и другите институции. Со цел доследно почитување на безбедносните протоколи, СВР Охрид спроведува интензивни контакти со претставници на дебарско-кичевската епархија, хотелиерите, приватните станоиздавачи, угостителите и бродарите со укажување на потребата од строго спроведување на сите предвидени мерка за заштита од Ковид 19 и нивно запознавање со казнените одредби за непридржување кон мерките. СВР Охрид упатува апел до нив како и до сите граѓани, да ги почитуваат одредбите за полицискиот час како и другите предвидени мерки и да придонесат за заштита на јавното здравје и спречување на ширењето на вирусот Ковид 19.