ФФМ го одржа Редовното Генерално Собрание

Фудбалската федерација на Македонија денеска го одржа Редовното Генерално Собрание.

Според одобрен здравствен протокол од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, Фудбалската федерација на Македонија го организираше Редовното Генерално Собрание. 

Присутните делегати на Собранието на ФФМ ја потврдија одлуката на Управниот одбор на федерацијата во однос на регионалната поставеност и промена на организацијата на трети лиги и систем на натпревари. Новата регионална поставеност ќе се имплементира од сезоната 2020/2021 и вклучува поделба на пет региони со пет трети лиги кои би броеле од 6 до 16 екипи.

На Редовното Генерално Собрание е усвоен извештајот за работа на претседателот и Управниот одбор на ФФМ, потоа извештаите од правните органи и лиценцни тела на ФФМ, како и извештајот од администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план 2016-2026  за 2019. година. 

Присутните делегати го усвоија ревизорскиот извештај за работата на ФФМ, завршната сметка на федерацијата и финансискиот план – буџет на Фудбалската федерација на Македонија. 

Собранието на ФФМ даде согласност и го овласти Управниот одбор да утврди буџетска позиција со која ќе се финансираат инфраструктурните проекти на начин што средствата предвидени за реализација на активностите за кои Управниот одбор ќе утврди дека не се реализирале ќе бидат реалоцирани во новата буџетска позиција.