29/04/2024
Македонија

Бојмацалиев: Границите се безбедни, со помош од ЕУ и САД користиме специјални возила, боди камери, за скоро и дронови

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, во интервју за утринската програма на Клан ТВ беше запрашан за безбедноста на границите.

„Сакам да демантирам за безбедноста на границите, да немаат граѓаните перцепција дека никој ништо не прави, слично како со управните служби. Јас имам свој концепт на работа, но кога се јавуваат лажни вести сакам со факти и аргументи да ги побијам”, рече Бојмацалиев. Притоа, тој беше дециден дека границите се безбедни и потенцираше дека се користи дигитална опрема во зачувување на безбедноста на границите.

„Со помош на ЕУ и стратешките партнери САД и со буџетот на МВР имаме 11 специјални возила. Сите полицајци на гранични премини имаат боди камери. Имаме камери кои се во полициските станици на граничните појаси, при движење веднаш фотографираат и праќат слика. Во процес сме на испорачување на 8 дрона, како новина во технологијата, со кои ќе го штитиме зелениот појас”, рече Бојмацалиев.