22/04/2024
Спорт

Македонија загуби од Црна Гора на контролниот меч во Анталија

Македонската А репрезентација загуби со 1:0  од Црна Гора на контролниот натпревар.

Првото полувреме на стадионот „Мардан“ во Анталија мина во наша доминација, но за жал во завршницата на полувремето попушти концентрацијата.

Првата закана по црногорскиот гол ја упати Миовски во 6. минута. Продолжи добрата игра на нашиот тим. Од околу дваесеттина метри се обиде Елмас, изнудувајќи интервенција на црногорскиот голман. Елмас до полувремето имаше уште два обида. Црногорците упатија еден удар од далечина преку Чамај.

Енис Барди имаше опасен обид од слободен удар, меѓутоа биеше крај голот на Црна Гора.

Пред паузата, Црна Гора имаше два корнери и ги опомена нашите фудбалери, меѓутоа ударите завршија во блокот и над пречката. Црногорците не казнија за неефикасноста во финишот на полувремето. Водечки погодок постигна Стеван Јоветиќ кој во 45. минута со глава по корнер го матира Димитриевски.

Многу замени беа направени во вториот дел. Трајковски влезе на местото од Елмас. Нашата деветка веднаш се најде во позиција да го загрози противничкиот гол, но тоа го направи непрецизно. Шанса во второто полувреме добија Ристовски, Димоски, Митровски, Серафимов и Ќамили, но немавме посериозна прилика да го израмниме резултатот.


WebOhrid / 25.03.2024 / ФФМ