27/04/2024
Македонија

Приведен криумчар, пронајдени 12 мигранти од Сирија

На 13.10.2023 околу 17.00 часот во близина на с.Костурник, кумановско, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во Биро за јавна безбедност го лишиле од слобода Б.М.(23) од с.Вртекица, општина Студеничани. При контрола во возилото „фолксваген бора“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 12 лица мигранти од Сирија, од кои четири малолетници.

Имено, околу 16.35 во близина на наплатната станица Романовце кај Куманово, полициските службеници дале знак за запирање на возилото, но возилото продолжило со движење. Во близина на село Костурник возилото било запрено, по што Б.М. се обидел да избега, но веднаш бил фатен и лишен од слобода. Б.М и мигрантите биле предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.