29/04/2024
Охрид

18 години „Охриде не бери гајле“ на Супер радио

Изминаа полни 18 години од стартот на радио емисијата „Охриде не бери гајле“ на охридското Супер радио, водечкиот медиум во овој дел на државата.

Жанко и утринската екипа и понатаму остануваат верен утрински пријател на охриѓани, стружани, но и на сите кои го слушаат Супер радио насекаде низ светот на интернет.

Со препознатлив стил и „охридски муабети“, секое утро испорачуваат обрана музика, но и информации од спортот, локални вести, проверени информации и многу забава.

– За нас е многу важно да го започнеме секој ден со насмевка, убава музика и позитивна енергија. Убаво е што емисијата и целокупната програма ја создаваме заедно со нашите слушатели, и тие ја прифаќаат како своја. Годиниве кои се зад нас имавме многу поддржувачи и помагатели, направивме многу хуманитарни, еколошки и спортски акции и планираме да продолжиме и понатаму, вели Жанко.

Супер радио и понатаму останува водечки медиум во западниот дел од државава, со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Со просечен неделен досег од 19,1% и дневен од 8,8%, охридското Супер радио и во периодот јануари-март 2024 година останува број 1 медиум во својот регион и еден од најпопуларните во Република Македонија. Податоците се објавени во последната официјална анкета за досегот на радиостаниците и уделот на сателитските, регионалните и локални радио и Тв станици во вкупната слушаност и гледаност во периодот јануари-март 2023 година, изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на Република Македонија.

Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот.


WebOhrid / 16.05.2023