17/04/2024
Охрид

Апел од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид

„Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, за време на Велигденските празници и продолжениот викенд, упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.“ – апелираат од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид.

Во услови кога во Охрид бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, да се користи безбедносниот појас, да не се користи мобилниот телефон, а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната, но и за безбедноста на останатите.

Возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, да држат безбедно расојание и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници во сообраќајот.

Моторциклистите, задолжително да користат заштитен шлем-кацига неопходна и за сопатникот на моторциклот, да внимаваат на брзината на движење и безбедно да вршат претекнување или промена на страната на движење со навремено вклучување и користење на жмигавци.

Пешаците, обврзно да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници. Велосипедистите, дисцилинирано да се движат по обележаните велосипедски патеки, исклучиво да ја користат десната страна за движење по коловозната лента, да вршат сигнализирање со рака за секоја промена на управување со велосипедот, внимателно да се движат покрај паркирани автомобили, задолжително да користат предно и задно светло при ноќно управување на велосипед.

„На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. Секогаш имајте во предвид дека почитувањето на сообраќајната сигнализација е основен предуслов за безгрижно патување и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Имајте среќен и безбеден одмор.“ – велат од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид.