Арнаудоски: Дали учениците и наставниците се изложуваат на опасност поради скратените средства за промена на кровните конструкции?

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција пред охридската Гимназија, на која говореше Илија Арнаудоски, советник во Советот на општина Охрид.

„Учебната година со Локалната самоуправа предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески започна без никакво инвестирање во образованието и создавање добри услови за работа за учениците и наставниците.

Блесокот во образованието е тоа што дел од училниците во ОСУ „Свети Климент Охридски“ прокиснаа и се урна и дел од таванот, но за среќа нема повредени ученици.

Дали ветувањата на градоначалникот Георгиески беа да се скратат 155.000 денари за санација на покривот во Гимназијата?

Зарем советниците, просветни работници во Советот и пратеничката Жаклина Лазаревска како претседател на Комисијата за образование и наука не чувствуваат одговорност кон колегите и учениците во Гимназијата?

Дали учениците и наставниците од основните училишта „Христо Узунов“, „Братство Единство“ во Лескајца и „Св. Наум Охридски“ во Пештани и Елшани ги изложувате секојдневно на опасност затоа што ги скративте средствата за промена на кровните конструкции?

Дали при следните временски неприлики се оставаат учениците од училиштата во Коњско и Долно Лакочереј во небезбедни услови и опасност затоа што не е извршена санацијата на таваните и кровот?

Жителите на Коњско треба да знаат дека се скратени 510.000 денари за реконструкција на тавани и кров во училиштето, а жителите на Долно Лакочереј дека се скратени 1.500.000 денари за санација на тавани и кров на училиштето.

Охриѓани треба да знаат дека нема никакво инвестирање во нашите млади.

СДСМ и Георгиески ветувааа подобрување на инфраструктурата во училишта и инвестиции во образованието, но за жал нема ништо од тоа.“ – истакна Арнаудоски.