Честитка од Левица по повод Денот на ослободувањето на Охрид
Левица ЛО Охрид на сите охриѓани им го честита 7 ноември – денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Претставници од партијата Левица ЛО Охрид денес положија свежо цвеќе пред спомен обележјата на паднатите борци од НОБ и Јасна Ристеска.
„Многу студено ноемвриско утро, 1944 год., спроти Митровден. Ноемвриско утро, послано со слана и сињак. Партизаните на Охридската бригада преку планините од Дебрца слегуваат во градот, за да учествуваат во ослободувањето на Охрид. Бригадата броела 250 партизани, слабо вооружени и оскудно облечени. Цел на нивниот напад била фашистичката окупаторска војска, која од Охрид се повлекувала во Драч, Албанија.
По тешка и нерамна борба со добро вооружениот окупатор, партизаните, сепак успеале да го ослободат градот. Борците од Охридската бригада се приклучуваат кон Првата македонска ударна бригада и ја продолжуваат понатака борбата за ослободување на другите градови во западниот дел на Македонија.
Во ослободувањето на Охрид, покрај Охридската бригада, учествувале и Првата македонска ударна бригада и Четвртата албанска бригада. 15 часа се воделе улични борби. Во таа борба, пронижени од фашистичкиот куршум, животот го загубиле 28 партизани, меѓу кои, Јасна Ристеска, Момчило Јорданоски, Борис Волчески и други.“ – (Сеќавање на партизанот Милан Палоски, кој учествувал во ослободувањето на Охрид).
Нека ни е честит 7 ноември – денот на ОСЛОБОДУВАЊЕТО на Охрид!
Вечна им слава на хероите кои ги положија своите животи на одарот на слободата!
WebOhrid / 07.11.2022 / Левица ЛО Охрид