ЦИВИЛ го интензивира изборниот мониторинг

ЦИВИЛ соопштува дека донесе одлука од денеска да го засили изборниот мониторинг. Ќе се реактивираат и дел од долгорочните набљудувачи кои беа деактивирани поради одложувањето на датумот поради кризата со коронавирусот. Сите заедно, во структурата на Организацијата, ќе добијат дополнителни насоки за зајакнат мониторинг на изборниот процес во земјата.

Почитувањето на правото на глас на граѓанките и граѓаните е приоритет за ЦИВИЛ. Во фокусот на мониторингот на ЦИВИЛ е и политичкото финансирање и политичката корупција, како и лажните вести, говорот на омразата и црната пропаганда. ЦИВИЛ спроведува и мониторинг на политичките партии, медиумите, како и на институциите.

Од големо значење за мониторингот на ЦИВИЛ воопшто, па така и за изборниот мониторинг, се пријавите кои доаѓаат од граѓанките и граѓаните од целата земја. Изобилството од обраќања до организацијата е само уште еден показател за тоа дека Организацијата ужива голема доверба кај луѓето.

Уште пред да се изјаснат политичките партии, ЦИВИЛ изгради став дека предвремените парламентарни избори треба да се одржат час поскоро, односно изборниот процес да продолжи веднаш по укинување на вонредната состојба во земјата, согласно и со изјавите од Државната изборна комисија, дека процесот е застанат на 24 дена пред денот на гласањето.

Во изминатиот период, тимот на ЦИВИЛ работеше на усвојување на повеќе методолошки новитети соодветни на потребата за заштита од ширењето на коронавирусот.

ЦИВИЛ ја информира јавноста и своите поддржувачи, членови и соработници дека во своите протоколи за работа ги вгради мерките и препораките за заштита од коронавирусот е од исклучително значење и бара максимално придржување до нив.

Листата од 14 категории на изборни нерегуларности, ЦИВИЛ денеска ја додава и тн. „корона-категорија“ во која спаѓаат случаите на непридржување кон мерките за заштита од коронавирусот во текот на изборниот процес.

ЦИВИЛ започна со мониторингот, со различен интензитет, уште од моментот кога се донесе решението за предвремени парламентарни избори на лидерската средба на 20 октомври 2019 година. Соодветно на методологијата за долгорочен мониторинг на политичките настани и процеси во изборен контекст, ЦИВИЛ остана активен на теренот и во текот на кризата со коронавирусот. Сепак, мониторингот на ЦИВИЛ беше со намален интензитет и со максимално придржување кон владините мерки и препораките за заштита од ширење на коронавирусот.

Од денеска, мониторингот ќе се спроведува со полн капацитет. Воедно, ќе се контактираат сите кандидати за краткорочни набљудувачи, за уште еднаш да го потврдат своето учество во мониторингот на ЦИВИЛ за денот на гласањето, кога и да биде тоа. Воедно, тие ќе бидат информирани за новите протоколи и за новиот начин на обука кој ќе се спроведува во текот на наредниот период, веднаш по одредување на датумот за избори.

ЦИВИЛ обезбеди средства за вклучување на 220 набљудувачи од кои 24 се долгорочни, но во Организацијата се работи на зголемување на бројот и на долгорочните и на краткорочните набљудувачи.

ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи (формирана во 1999 година), спроведува изборен мониторинг од 2008 година, според специфична и уникатна методологија која постојано се развива соодветно на потребите и промените во општествено-политичките процеси.