28/04/2024
Спорт

Чурлинов се враќа во Шалке 04

Дарко Чурлинов повторно се враќа во Германија, и повторно во тимот на Шалке 04 каде играше во 2021/2022 сезона.

Тој е позајмен од Барнли до крајот на оваа сезона, со можност за откуп по истекот на оваа позајмица.

Шалке 04 моментално се наоѓа на 14 место во Втората Бундеслига.

Според спортскиот директор Марк Вилмоц, токму Чурлинов е играч каков што им треба во зимскиот преоден рок. „Тој е бестрашен и ќе не направи понепредвиливи како тим. Немам видено помотивиран играч и поподготвен за игра како што е тој сега.“ – изјави Вилмоц.

Тренерот на Шалке 04 Карел Герартс, изјави дека со квалитетот и креативноста на Чурлинов тимот значително ќе се подобри.

Чурлинов истакна дека му е мило што е повторно во Шалке. „Останав во контакт и со клубот и со навивачите. Сакам да ја докажам довербата која ја имаат во мене, со голови, асистенции и се разбира со победи.“ – изјави Чурлинов.

Кариерата на Чурлинов започна во 2015 во академијата од Ханза Росток. Потоа играше за Магдебург и Келн, а во 2020 потпиша договор со Штутгарт. Во Шалке 04 дојде како позајмен играч во сезоната 2021/22, постигна 2 голови и 6 асистенции на 23 натпревари, со што Шалке 04 обезбеди промоција во Бундеслигата. По завршувањето на таа сезона Чурлинов направи трансфер во Барнли, тим со кој обезбеди промоција во Премиер Лигата минатата сезона. За македонската репрезентација Чурлинов има постигнато 4 голови на 19 натпревари.


WebOhrid / 23.01.2024