09/11/2024
Охрид

Дејвид Гир и амбасадори од 15 европски земји во посета на Општина Охрид

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска беше домаќин на  евро амбасадорот  Дејвид Гир и на амбасадори од 15 европски земји членки на унијата: Шпанија, Чешка, Холандија, Франција, Шведска, Романија, Австрија, Германија, Италија, Полска, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија и Бугарија и останати  евро делегати.

„Заштита на охридскиот регион и  Охридското Езеро како  и изградба на пречистителна станица“ беше темата на која се дебатираше со високите евро претставници.

 Во своето обраќање градоначалникот Кирил Пецаков  зборуваше за сите чекори кои Општина Охрид ги прави за заштита на  природното и културното  благо во градот и регионот како и поголема заштита на Eзерото.

– Охридското Езеро е едно од трите најстари природни езера во Светот  и најголемиот басен со чиста вода за пиење во Европа. Не случајно светската стручна јавност, посебно Охридското Езеро  како природна реткост и посебно Охрид како културно богатство, предложила да бидат под заштита на УНЕСКО. Тоа е голема  привилегија, но и голема одговорност за нивна заштита. Имајќи ја во вид таквата одговорност, во Охрид пред повеќе од  25 години се изгради колекторскиот систем за одведување на отпадните води и може слободно да речеме почна процесот за целосна заштита  на Охридското Езеро. Системот до сега повеќе пати со помош на странски донации е доградуван.  Имаше  и активности за негова реконструкција   и продолжување на опфатот. Но, неопходно е да се направи целосен колекторски систем кој ќе го штити Eзерото од македонска и албанска страна.

Постојниот систем за заштита на Охридското Eзеро завршува во с. Пештани. Отпадните води од с. Трпејца  или македонското Сен Тропе како што го нарекуваат, не е оптимално да се транспортираат до овој колекторски систем.  Општината Охрид презема активности за решавање на проблемот со зафаќање на отпадните води од секоe домаќинство, нивен транспорт до идна локална пречистителна станица каде ќе се врши нивно пречистување и така пречистени ќе се испуштаат во Охридското Езеро. Општината Охрид  распиша тендер за изработка на Основен проект за канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во с. Трпејца кој проект е завршен. Според него се предвидува изградба на  Комплетно автоматизирана пречистителна станица со два режими на работа – летен и зимски со максимален капацитет од 124 m3/d во лето и 45 m3/d во зима со најсовремена SBR технологија за прочитување. Вкупно количини на отпадни води е 124 m3/d. Вкупна должина на канализациона мрежа е 2,325 m.

 Спроведуваме активности за зачувување на автентичниот изглед на централното градско подрачје кое предвидува унифицирање на урбаната опрема, рекламните излози и рекламните паноа. За оваа намена во буџетот на Општина Охрид веќе се предвидени средства. Пред  добивање на конзерваторско одобрение е постапката за реконструкција на плоштадот  „Чинар“ кој ќе го врати автентичниот лик на чаршијата и во тек е изработка на проект за реконструкција на градскиот плоштад  „Св. Климент Охридски“ .  Со тоа се враќа некогашниот препознатлив и специфичен лик на градот.

Нашата визија е намалување на сообраќајот во централното градско подрачје  и за таа цел изготвивме проекти за  проширување на мрежата на велосипедски патеки.  Во завршна фаза е добивањето на конзерваторско одобрение за изградба на катна гаража во централното градско подрачје по што следува  нејзина изградба. Со тоа во голема мера ќе се реши сообраќајниот метеж во центарот на градот. Идејата за зелен и почист Охрид не завршува тука.  Нарачана е физибилити студија  за  уредување на просторот на поранешната касарна „Михајло Апостолски“ којашто предвидува  реализација на централен парк и зона за прошетки и рекреација на граѓаните и реконструкција  на постојните објекти.  Активно работиме на проект за дислокација на депонијата Буково за што во очекување  сме на грант за изградба на регионална депонија во општина Новаци за која соработуваме со седум општини од Југозападен плански регион. Тука би ги додал и проектите  за изградба на нова канализациона мрежа  вдолж сливното подрачје на Охридското Езеро. Исто така во фаза на изработка се проекти за водоснабдување на приградските и рурални средини во Охрид со што би се решил долгогодишен горлив проблем на мештаните.

Во делот на заштитата на Охридското Езеро со гордост можам да кажам дека ги поминавме сите преговори со компанијата која потекнува од земја членка на ЕУ, а ќе инвестира во Охрид во производство на пловни објекти на сончева енергија и електрични мотори и мотори на сончева енергија  наменети за пловните  објекти. Со  инвестицијата  ја започнуваме и наредната фаза, а тоа е   промена на моторите од постоечките пловни објекти во Охридското Езеро со овие нови незагадувачки мотори. Тука би ги спомнал и заложбите кои ги реализираме во заштита на статусот на УНЕСКО согласно препораките.  Целосно сме посветени и активно соработуваме со сите надлежни институции во изработка на Планот за управување со Охридското подрачје кој е првенствено задача на Агенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски.  Во тек е прекин на  старата постапка за донесување на Генерален урбанистички план која беше започната во далечната 2005-та  година, а паралелно  започнавме нова постапка  за донесување нов ГУП во согласност со деталните урбанистички планови  како што налагаат законите на Р. Македонија и имплементирање на Планот за управување на УНЕСКО.   

Би  ја потенцирал  одличната соработка  со Делегацијата на ЕУ во Р. Македонија којашто резултираше со  потпишување договор за имплементација  на големиот Проект Ohrid go“ кој е целосно финансиран од ЕУ. Се надевам дека ваквата добра соработка ќе продолжи и понатаму преку реализација на капитални проекти за Охрид.

Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар за кој што одамна сме се обврзале да постигнеме највисок стандард за заштита на природното и културно наследство. Охридскиот регион поседува исклучителна универзална вредност  како комбинација од природни феномени со квалитетот  и разновидноста на културното наследство – материјално и нематеријално.

Во  Охрид свои траги оставиле многу цивилизации. Седум илјади години на овие простори се градел вонвременскиот духовен и културен мозаик кој дополнително  ни дава сила полесно да ги прескокнеме препреките на сегашноста и да ги прифатиме предизвиците на иднината.

Сето тоа што го поседува Охрид не прави неизмерно горди, но и не обврзува на негова поголема заштита и напредок на секој план- рече градоначалникот Пецаков.

Пред присутните  проф. д-р  Гоце Тасески од Градежниот факултет од Скопје одржа презентација  на Основниот проект за канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во село Трпејца.   


WebOhrid / 18.01.2023 / Општина Охрид