29/03/2024
Македонија

Еден милион евра од Европската Унија за развојни планови на 30 општини и 8 Центри за развој

Tриесет мали општини и осумте Центри за развој на планските региони со средства од Европската Унија ќе подготвуваат интегрирани развојни планови, за што се обезбедени вкупно еден милион евра. Ова финансиска поддршка е дел од проектот на Европската Унија вреден 2,4 милиони евра, во имплементација на УНДП.

-Министерството за локална самоуправа работи на создавање на инструменти за следење на функционалноста и подигнување на развојниот капацитет на општините и подобра испорака на локалните услуги. Еден милион евра, средства од Унијата, се насочени кон 30 рурални и помали општини и кон осумте Центри за развој на планските региони. Целтта е да се поддржат најслабо развиените општини преку подготовка на интегрирани и инклузивни развојни планови и грантови за имплементација на по еден приоритетен проект во секоја општина, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

-Капацитетите на локално ниво за обезбедување и управување со средства се сеуште ограничени, особено во малите и руралните општини. Постојат големи јазови во стандардите на живеење и можностите кои се нудат на граѓаните во урбаните и руралните области. Справувањето со овие предизвици е еден од главните приоритети на УНДП”, изјави пoстојаната претставничка на УНДП Луиза Винтон.

-Четириесет насто од средствата од ЕУ за државата, се насочуваат кон општините. Мора да продолжи дијалогот за да ги разбереме сите добро проблемите. Потребно е поголемо вклучување на младите затоа што тие полесно ги прифаќаат предизвиците, а ние сме тука да ви помогнеме, изјави Никола Бертолини, претставник од Делегацијата на Европската Унија

Грантовите ќе бидат имплементирани во општините Ранковце, Липково, Старо Нагоричане, Реарце, Боговиње, Врапчиште, Маврово и Ростуше, Крушево, Демир Хисар, Ресен, Долнени, Лозово, Росоман, Свети Николе, Дебарца, Вевчани, Центар Жупа, Василево, Ново Село, Босилово, Богданци, Конче, Студеничани, Зелениково, Чучер Сандево, Зрновци, Чешиново Облешево, Виница, Пехчево и Берово, како и во осумте Центри за развој на планските региони.

Општините се избрани врз основа на реално поставени критериуми, до 20 000 жители, или пак општина со седиште во село, но и врз основа на подготвеноста на општината да преземе обврски за подготовка на стратешки план, да располага со соодветни административни капацитети и пред се да демонстрира интерес и подготвеност да работи на остварување на поставените цели.