Ерасмус+ посета на Гимназија „Клара Шуман“ во Германија
Културното наследство на малите европски градови како тема на проектот ЕРАСМУС+, минатата недела беше причина за посета на Германија за група охридски гимназијалци. Ученици од трета година Сара Ристова, Љупка Каланоска, Теодор Тасевски и Огнен Секулоски, во придружба на проект менаџерот, психолог Алберта Гулицовска и проф. Јане Богоески, имаа можност да се уверат дека токму малите градови во внатрешноста се чувари на локалната традиција, додека големите метрополи се претопуваат во интернационални конгломерати поради глобализацијата во светските рамки.
Оваа мобилност во рамки на Ерасмус+ проектот беше музички обоена, под закрила на Клара Шуман, некогаш најпозната европска пијанистка со завидна концертна кариера, денес попозната како жена на композиторот Роберт Шуман. По музичките работилници и проби за концерт, заедно со учесниците на останатите пет земји од проектот, домаќините од гимназијата „Клара Шуман“ во Фирзен и средношколци од Хрватска, Полска, Литванија и Шпанија, беа дел од свечениот концерт „Европа пее“ во готската катедрала Св.Корнелиус.
Покрај тоа, охридските гимназијалци беа дел од групна дискусија на тема „Карневали во мојата земја“, а потоа маскирани излегоа на улица и станаа дел од карневалот во Дулкен, сликовито градче од општина Фирзен.
Домаќините подготвија интересна програма, организирани посети на градовите по течението на Рајна: Келн, Менхенгладбах, Бон и Дизелдорф со туристички водичи и музејски кустоси од регионот Северна Рајна-Вестфалија, кој е еден од најбогатите во светот и ужива привилегирана локација во срцето на Европа. Дизелдорф е главниот град на областа, каде што живеат 600.000 лица, плус околу 160 милиони кои живеат во радиус од 500 километри, со што чинат околу една четвртина од европското население.