07/12/2024
Охрид

ГДУ: Предупредуваме дека подгревањето на меѓуетничките односи никогаш не излегува на арно

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Повторно обид за подгревање на меѓуетничките односи и тоа повторно во Охрид. По планот за изградбата на нелегално градење на верски објект, сега големо албанско знаме се развеа на Самоиловата тврдина.

Дали некој намерно се обидува да ги скара христијаните и муслиманите во градот, а со тоа да ги наруши и добрите меѓуетнички односи?

Дали ова е со цел да се сврти вниманието од некои други теми? Во последнава деценија секогаш во предизборен циклус се посегнува по национализмите како одбранбено средство за немоќта на политичките партии.

Власта и институциите молчат, очигледно е дека владее беззаконието и пазарењето, се со цел остварување на тесно партиски и лични интереси. Сѐ ќе се премолчи само да се победи на избори.

ГДУ повикува на разум и да не се подлегнува на провокации и притисок.

Предупредуваме дека подгревањето на меѓуетничките односи никогаш не излегува на арно.

Бараме до крај да се расчисти овој инцидент и пред јавноста да се соопштат сите детали. Доколку оние кои раководат со надлежните институции не се способни и не се подготвени да го сторат тоа, тогаш време е за оставки.

Граѓаните не прифаќаат половични информации, искривување на вистината, задкулисни игри.

Заврши времето на играње на картата на „национализмот“.“ – стои во соопштението од ГДУ.