26/04/2024
Дебрца

Илинденска честитка од градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески

По повод државниот празник 2 Август – Илинден, Ден на Републиката, градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески испрати честитка до граѓаните. Во честитката се вели:

„Почитувани граѓани,

Празникот Илинден е симбол на победата на македонскиот непокор, ден кога славиме и се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ.

Празнувајќи го овој датум, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја, зошто врз темелите што тие ги поставија опстојува Република Македонија.

Да го чуваме аманетот од Илинденците и Асномците и да ги негуваме и надградуваме придобивките од двата Илиндена, да ги оставиме разликите, од каква природа и да се, да покажеме меѓусебна почит и да се свртиме кон заедничка иднина, достоинствен дом во кој има место за сите и да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.

Нека ни се честити и вековити двата Илиндена!“– стои во честитката.