01/09/2024
Македонија

Инаугурација во Собранието на новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска Давкова

Гордана Сиљановска Давкова, која беше избрана за претседателка на државата на вториот круг од претседателските избори, денеска даде свечена заклетва пред Собранието на Република Северна Македонија.

По инаугуративната 151. седница Собранието, Сиљановска Давква денеска ја презема функцијата како шестти претседател на државата, по седмите претседателски избори што се одржаа на 24 април и на 8 мај.

Како прва жена избрана на чело на државата, Сиљановска Давкова, во своето обраќање пред десеттиот собраниски состав порача дека ќе ја оправда добиената доверба, затоа што, како што истакна, е опкружена со многу прекрасни жени, кои можат да ја развиваат политиката  како уметност на невозможното, а не само на возможното.

Сиљановска Давкова вети дека ќе се грижи подеднакво за сите граѓани.

„Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани. Нема да правам разлика ниту по етничка ниту по верска ниту по полова ниту по која било основа, рече таа.

Професорката Сиљановска Давкова, во последните четири години беше пратеничка во собранискиот состав кој беше избран на парламентарните избори во 2020 година.

На нејзината денешна инаугурација во Собранието, покрај пратенците од овој состав, присуствуваа и членови на Владата, претставници на државните институции и на верските заедници, како и членови на дипломатскиот кор во земјава.


WebOhrid / 12.05.2024 / Собрание на РСМ