20/04/2024
Охрид

ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележа својот патронен празник

Со свечена приредба која се одржа доцна попладнево во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележаа својот патронен празник.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

-Голема е радоста на овој прекрасен празничен ден, кога ја славиме слободата на нашиот Охрид, да бидам дел од оваа неповторлива атмосфера, исполнета со весел џагор и најубави детски насмевки, кои ни ја милуваат душата и ни ги топлат срцата.

Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам срдечни честитки по повод патрониот празник на Детската градинка „Јасна Ристеска“ со желби за уште многу успешни години, значајни јубилеи и долга низа на нови генерации.

Оваа установа речиси 6 децении е најубавото царство на детството и место кое е најзаслужно за правилниот раст и развој на најмладите. Сакам да упатам посебна благодарност до воспитувачките, негувателките и целокупниот работен тим на градинката.

Тие заслужуваат огромна почит и внимание за целиот свој педагошки ангажман, за несебичната грижа и воспитувањето на нашите деца. Вистинската слика за нивниот труд е оваа денешна приредба која резултат на голема креативност и посветеност.

Воспитувањето и образованието на децата се најважните работи во едно општество и затоа Локалната самоуправа континуирано работи на подобрување на условите за најмладите.

Во тек е реализацијата на неколку проекти за обезбедување на подобри услови во сместувачките објекти на градинката, а во наредниот период ќе работиме и на важни инвстиции во насока на зголемување на капацитетот за згрижување на деца.

Дечињата се нашето непроценливо богатство, највредното нешто на овој свет и нашата светла иднина. Затоа посакувам да имаат безгрижно детство исполнето со другарување и игри и секој ден да им биде поубав од претходниот!

Денешната свечена програма за миг ќе не однесе во детскот свет, полн со искреност, нежност и невиност. На родителите ќе им донесе незимерна среќа, на воспитувачите голема гордост, а на сите останати вистинско уживање исполнето со надеж за поубаво утре!

Нека е честит и вековит денешниот празник, нека е вечен нашиот Охрид!, истакна градоначалникот во своето обраќање.

Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.