27/04/2024
Охрид

ЈП „Билјанини Извори“ донесе Правилник за издавање на картички за движење на возила во стариот дел

Врз основа на член 22 од Статутот на ЈП „Билјанини Извори“ Управниот одбор на јавното претпријатие на состанокот одржан на ден 11. 05. 2023 година донесе Правилник за издавање на картички за движење на моторни возила во стариот дел на град Охрид. Со Правилникот се пропишуваат условите кои треба да ги исполнат барателите на картичките за движење на моторни возила во стариот дел на град Охрид, постапката, начинот на издавање и начинот на функционирање на системот за електронско евидентирање на движењето на моторните возила согласно режимот на сообраќај.

Условите кои треба да се се исполнат за да се добие картичка за движење се следни: да се биде жител на стариот дел од град Охрид (се потврдува со копија од лична карта) и на негово име и адреса да има регистрирано моторно возило со важечка регистрација (се докажува со копија од сообраќајна дозвола).

Правни лица ќе можат да добијат картичка за движење на возилата кои се регистрирани на иста адреса на која адреса е и седиштето на правното лице, а кое е во стариот дел од град Охрид (како доказ се приложува копија од сообраќајна дозвола и тековна состојба од Централен регистар).

Станоиздавачите кои во склоп на својата КП поседуваат простор за повеќе паркинг места ќе добијат онолку картички колку што имаат обезбедено паркинг места (кои ќе се утврдат на лице место од страна на комисија која ќе биде формирана од страна на ЈП Билјанини Извори – Охрид).

Туристите кои имаат резервирано сместување (со приложена резервација) ќе може да влезат во стариот дел од градот за сместување и во временски интервал од 30 мин. треба да излезат.

Жителите кои немаат постојана адреса во стариот дел на градот, а во сопственост имаат станбен објект во овој дел ќе им биде издадена само една картичка за моторно возило регистрирано на нивно лично име.

На комерцијалисти и доставувачи на роба ќе им биде издадена картичка за движење на моторно возило во стариот дел од градот со временско ограничување од 05.00 до 10.00 часот по претходно поднесена копија од важечка сообраќајна дозвола и тековна состојба.

На таксистите ќе им биде издадена картичка за движење на моторно возило за влез во стариот дел од градот и во временски интервал од 30 мин  да направат излез (по претходно поднесена копија од важечка лиценца, сообраќајна дозвола и тековна состојба).

На жител на стариот дел на градот, правните лица, станоиздавачите, туристите и жителите кои немаат постојана адреса во стариот дел од градот, кои согласно овој правилник им е или им се издадени картички за движење на моторни возила изрично и им се забранува паркирање на улиците: Цар Самоил, Коста Абраш и Илинденска на места на кои не е предвиден паркинг.

Картичка ќе можат да подигнат сите баратели кои ги исполнуваат горенаведените услови од Правилник во дирекцијата на ЈП Билјанини Извори – Охрид, спортска сала “Билјанини Извори”, од 08-11 часот и од 12-15 часот. Картичките ќе се наплаќаат 300 денари и ќе бидат со важност од 2 години. Издавањето на картичките стартува на 19 јуни а примената на истите ќе стартува на 26 јуни.

Сите издадени картички за движење на моторни возила во стариот дел на град Охрид ќе бидат со регистарски ознаки и ќе важат исклучиво за даденото возило.

Со издавање на картичките корисниците ќе добијат налепница која треба да биде истакната на предното ветробранско стакло од возилото.

За функционирање на системот за електронско евидентирање на движењето на моторните возила во стариот дел од градот ќе бидат оставени 3 (три) влезно – излезно терминали и тоа на следните локации:

  • Споменик – Фаќач на крст
  • Горна порта и
  • Црква Св. Богородица – Каменско

Овие влезно – излезни терминали меѓусебно ќе бидат поврзани во систем и доколку со една картичка се направи влез во овој опфат, се додека не се евидентира дека е направен излез со истата картичка нема да може истата повторно да се употреби за излез, со што ќе се оневозможи користење на иста картичка за влез на повеќе возила.

ЈП “Билјанини Извори” им се заблагодарува на сите за соработката во процесот на примена на овој Правилник и ги замолува сите заинтересирани граѓани и правни лица од понеделник, 19 јуни, да започнат со доставување на барања за добивање картица со цел процесот за издавање да се заврши што побрзо.


WebOhrid / 15.06.2023 / ЈП „Билјанини Извори“